Екипата на Брест Мешков е денешниот противник за РК Вардар, во рамките на третото коло од СЕХА-лигата. Црвено-црните на најдобар можен начин ја започнаа новата сезона со две убедливи победи, во дуелите против екипите на Металург (32:23) и Горење Велење (32:19).
Брест Мешков доаѓа во одлично расположение во Скопје, откако во претходното коло успеа да издвојува голема победа против можеби фаворитот на “хартија“ на тој меч поради домашниот терен, тимот на Целје П.Л кој го совладаа со резултат 24:29. На тој дуел блескаше новото засилување, левиот бек Петар Џорџиќ кој летово пристигна од екипата на Фленсбург. Токму тој заедно со Растко Стојковиќ треба да бидат најголемата опасност по нашиот гол. Што се однесува до промените во составот на Белорусите, за ралика од претходната сезона во тимот ги нема Максим Бабичев кој замина во Мотор Запорожје, потоа Даинис Кристопанс кој се пресели токму во Вардар, Иман Џамали кој по едногодишна позајмица се врати во Веспрем, потоа Владислав Остроушко, како и Павел Атман кој потпиша за Хановер. Екипата пак ја засилија познати играчи, како Чешкиот репрезентативец Павел Хорак кој по три години го напушти Фуксе Берлин и се пресели во Мешков, Константин Игропуло кој дојде од Колдинг, споменавме Петар Џорџиќ од Фленсбург, Александер Шурински од Краснодар и пикерот Вид Потеко кој дојде од тимот на Целје П.Л. Одличен состав кој и оваа сезона ќе претендира за учество на завршниот турнир во СЕХА, но и во лигата на шампионите.
Шампионот на Белорусија ќе биде последна подготовка за Вардар, пред првиот натпревар во лигата на шампионите против екипата на Висла Плок. И на денешниот меч во составот на Гонзалес ќе недостасуваат Лука Циндриќ и Мораес Фереира кои имаат повреди. Сепак тука е повеќе од солидната замена за Лука, тоа е Јана Војводиќ кој остава добар впечаток на теренот, додека на пикерската позиција ги имаме одличните Стоилов и Марсениќ. Публиката во Скопје повторно ќе може да ужива до добра ракометна претстава и квалитетен натпревар, на кој се надеваме дека црвено-црните повторно ќе излезат како победници. Цената на билетот е повторно 50 денари, а сите кои имаат набавено сезонски билети или Вардар ПАС картичка ќе можат исто така да го проследат натпреварот. Присуство најави и навивачката група Комити, кои полека се активираат масовно и го најавуваат стариот сјај кој ја красеше групата. Мечот во С.Ц. Јане Сандански започнува од 17:45 часот и ќе биде пренесуван на МРТ-1.