Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар тргнува од Монпелје, по одбрана на Европската круна
Вардар тргнува од Монпелје, по одбрана на Европската круна

Вардар тргнува од Монпелје, по одбрана на Европската круна

Започнува нова сезона, а со тоа и нови возбудувања во Лигата на Шампионите. Денес Вардар ја започнува одбраната на Европската титула, со гостување кај екипата на Монпелје, дуел кој стартува од 17:15 часот.

Вардар никогаш нема загубено на теренот на Монпелје, податок што може да радува во пресрет на овој прв воведен меч од ЛШ. Минатата сезона ја започнавме со победа, исто така на овој терен во дуел со истиов противник, тогаш славевме со резултат 24:27. Уште во два наврати имаме играно против Монпелје, што се однесува до мечевите на гостински терен, имаме уште една победа (25:30), како и нерешен резултат (34:34), додека сите дуели играни во Скопје ги има добиено Вардар.

Монпелје минатата сезона не успеа да ја помине групата, иако влезе како актуелен освојувач на ЛШ, па оваа сезона ќе се обиде да го поправи впечатокот. За таа цел, екипата се засили со неколку нови играчи, од кои најзвучни се сигурно голамнот Марин Шего кој пристигна од Пик Сегед како и бекот Жилберто Дуарте кој пристигна од екипата на Барселона, тука е и Јанис Лене. Монпелје го напуштија голманот Винсен Жерард, Мишел Гигу и Вид Кавтичник. Најголемата опасност кон голот на Вардар треба да доаѓа од староседелците, Валентин Порт, Мелвин Ричардсон, Диего Симонет и Метју Греби, додека последните вести говорат дека денешниот дуел ќе го пропушти литванскиот репрезентативец, Јонас Трухановичиус и Мохамед Суси, кои се повредиле на последниот меч во националното првенство, во кое Монпелје загуби на гости од екипата на Ним.

Кај Вардар ќе недостасуваат Толедо и Стоилов, додека на дело ќе ги видиме и новите засилувња, кои треба да ги потполнат празнините после заминувањето на неколку важни играчи кои беа дел од шампионскиот тим на Вардар. Повторно ќе имаме проблем на десната бековска позиција, каде сам ќе треба да покрие Даинис Кристопанс, играч кој игра цело време и во одбрана, на дефинитивно најголем товар на овој дуел ќе отпадне на летонскиот „џин“. Дисингер иако се повреди на дуелот со Мотор Запорожје, сепак прегледите покажаа дека не се работи за ништо сериозно, па тој отпатува со тимот за ова гостување, додека во екипата се враќа и Стас Скубе, кој ги пропушти првите два натпревари во СЕХА-лигата.

Првична нашата оценка е дека голманите можат да бидат едни од главните кои можат да го решат победникот на овој дуел. Монпелје го имаискусниот Шего, кој беше и нивни најдобар поединец на стартот од сезоната во француското првенство, додека Вардар ги има Кугис и Гедбан, останува да видиме на кој ќе падне одлуката да започне на голот. Доволно се познаваме со екипата на Монпелје, како што напоменавме и претходно, имаме играно натпревари со овој противник во ЛШ, па сигурно и двете екипи се подготвени за мечот, секако секој со свои тактики и размислувања за овој дуел.

Писонеро дебитира на клупата на Вардар, што се однесува до мечевите во Лигата на Шампионите, стратег кој ќе се обиде да го повтори успехот на неговите сонародници, кои успеаа со Вардар да станат Европски Шампиони во 2017 и 2019 година. Не очекува долга сезона, квалитетни натпревари и многу возбудувања, нешто на што навикнавме во последниве години со црвено-црните. Останува да им посакаме многу среќа како денес, така и преку целата сезона, се надеваме дека брзо ќе се комплетираме, со оглед дека играме на различни фронтови и тоа како ќе треба поголем ростер.

Натпреварот стартува од 17:15 часот, а од оваа сезона директни преноси ќе врши МРТ, додека сите оние кои имаат Арена Спорт 3, ќе може да го гледаат дуелот на оваа програма.