Вардар денес ќе го одигра својот прв официјален натпревар во новата година. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува шампионот на Србија, екипата на Војводина. Овој дуел е во рамките на СЕХА-лигата.
Вардарци тренираа некомплетни, но се очекува на денешниот дуел да се појават македонските репрезентативци кои беа дел од СП во Египет. Тука се мисли на Стоилов, Мишевски, Талевски и Димитриоски, додека во составот ќе ги нема Чупиќ и Валчак.
Сепак црвено-црните и во овој случај имаат расположливи сили за победа, иако Војводина знае секогаш да биде незгоден противник за нашиот шампион. Тука се искусните Дибиров, Гергиевски, Калараш, Ристовски, Кантегрел и младиот Кизиќ, како и Вујин, Јотиќ, Гаџа, Јагуриновски и Векиќ. Во составот ќе биде и младиот Мартин Карапалевски.
На теренот во Јане Сандански ќе го видиме и поранешниот миленик на Комити, се работи за Немања Прибак, додека на голот Војводина го има и поранешниот српски репрезентативец, Светислав Веркиќ. Во рамките на првото коло од ова натпреварување, српскиот претставник загуби минимално на гостувањето кај Нексе.
За Вардар ова е само загревање и еден вид увертира за тешкиот распоред кој ги очекува во наредниот период. Само во месец февруари, на распоредот на Вардар се седум натпревари во Лш, од кои пет на гостински терен, како и два дуели од СЕХА, од кои еден ќе се одигра на првиот ден на месец февруари.
Познато од вчера е дека клубот го засили црнагорскиот репрезентативец, Васко Шеваљевиќ кој од денес ќе се приклучи на тимот, но нема да биде во составот за натпреварот со Војводина.
Вечерашниот дуел стартува од 17:45 часот со пренос на МТВ и истиот ќе се одигра без присуство на публика.