Шпанија го освои првото место во групата Б во која се натпреваруваше и нашата репрезентација. Избраниците на Жорди Рибера го покажаа својот квалитет на мечот со Словенија, која ја поразија убедливо со резултат 36:26.
Стартот на натпреварот не навестуваше ваков конечен исход. Избраниците на Вујовиќ поведоа со 0:2, а на првиот погодок Шпанија чекаше цели седум минути. Сепак тоа не ги демотивираше Шпанците да заиграат подобро, па со голот на Кањелас во 10 минута го израмнуваат резултатот на 3:3. Во почетните 15 минути десното крило на Шпанија и екипата на Нант, Балагер зголеми на 5:3, а тоа за него беше трети погодок. Во следните седум минути, фуријата одржуваше предност која се движеше од 2-3 голови разлика, а до крајот на првото полувреме, избраниците на Жорди Рибера го наполнија голот на Словенците за на полувреме да имаат убедливи осум голови разлика. Во 24 минута имаа предност од 12:8, а до истекот на првите 30 минути направија серија од 6:1 и на одмор заминаа со резултат 18:10.
Во второто полувреме, Шпанија продолжи со добрата игра и не само што ја задржа стекнатата предност туку и ја зголемија. На крајот конечниот резултат беше изразен со двоцифрена разлика од 36:26. Жоан Кањелас постигна четири голови и Алекс Душебаев еден погодок. На тој начин, Шпанија го освои првото место во групата, втора е Словенија, Македонија трета и Исланд како четвртопласиран.
Русија го доби натпреварот со Бразил и на тој начин го освои третото место во својата група. Во текот на целото прво полувреме, Бразил имаше водство кое се движеше од 1-2 голови разлика. Во последните пет минути од првиот дел стигнаа и до највисоки три гола (12:15), но до крајот на првиот дел, Русија намали на само еден гол негатива (14:15). Во второто полувреме, Русија го презема водството кое го одржува до крајот на мечот. Во 47 минута стигаат до предност од два гола (21:19), за на крајот да слават триумф со резултат 28:24. На овој натпревар шанса за настап доби Александер Деревен кој одигра одлично и постигна 4 голови. Ова се него беа први погодоци на мундијалот. Останатите двајца играчи на Вардар, Дибиров и Шишкарев не се запишаа во листата на стрелци. Кај селекцијата на Бразил, во составот се најде Мораес Фереира кој исто така не постигна гол.
Денес се играа последните натпревари по групи, по што ќе бидат познати сите осминафинални двојки на СП.