Екипата на Рк Вардар 2 продолжува со сигурни игри и победи во првата ракометна лига. Во рамките на 10 коло во спортскиот ракометен центар Кале, избраниците на Стојан Петрушевски го пречекаа тимот на Куманово. Црвено-црните не дозволија никакво изненадување и очекувано ја оправдаа улогата на фаворит пред овој дуел. Конечниот резултат гласеше 36:19. Ова е вкупно деветта победа за нашите момци, кои го држат врвот на табелата со ХЈС Работник.
Како и на секој претходен дуел, така и против Куманово фуризоно го започнавме дуелот. Брзата игра која ја наметнува тренерот Петрушевски беше главна одлика и на овој меч за нашиот црвено-црн состав. Веќе во воведните минути го најавивме добриот резултат и поведовме со 5:1. Во наредниот период противникот заигра малку подобро, но доволно само да ја одржуваа оваа негатива од четири голови. Младите Вардарци повторно го засилија темпото на игра и почнаа да ја зголемуваат стекнатата предност. Во 20 минута резултатот гласеше највисоки 14:7 за нашиот тим. Имавме можност за прв пат на овој дуел да стигнеме до двоцифрена предност, откако поведовме со 18:9. До крајот на првиот дел, гостите успеаа да намалат и да се замине на одмор со резултат 19:13.
Одлично го отворивме и второто полувреме со два наши гола, за повторно да имаме осум голови позитива. Слично како во првото, така и во вториот дел Куманово пружаше некаков отпор, но само да го намалат за момент големото заостанување. Сепак противникот неможеше долго да го издржи притисокот, Вардар го засили темпото на игра и конечно дојде до двоцифрена предност од 24:14. Како одминуваше натпреварот, тренерот Петрушевски им даде шанса за настап на сите ракометари. На седум минути пред крајот нашиот состав имаше високи 30:17. Само два гола во нашата мрежа, напротив нашите шест во противничката мрежа, го финишираа овој дуел. Конечниот резултат гласеше 36:19.
Филип Арсеновски со 7 и Тоше Ончев со 6 гола, не предводеа до нова победа во првата ракометна лига.
Рк Вардар: Кизиќ, Виларов, Димов 1, Јагуриновски 4, Димовски 2, Стошиќ, Стојковски, Љубевски 4, Трпчевски 4, Димитровски 1, Кртсевски 1, Димковски 4, Арсеновски 7, Ончев 6, Калков 2.