Тимур Дибиров ја игра својата седма сезона во редовите на Вардар. Рускиот репрезентативец кој пристигна од екипата на Чеховски Медведи е најдобриот стрелец во историјата на Вардар, што се однесува до настапите во Лигата на Шампионите.
Со четирите голови кои ги постигна во поразот од екипата на Монпелје, Дибиров дојде до бројката од 888 погодоци во најголемото ракометно натпреварување, со што стана и четврти најдобар стрелец во историјата на Лигата на Шампионите. Пред него можат да се пофалат дека се само капитенот на Македонија, Кирил Лазаров, потоа Никола Карабатиќ и Момир Илиќ кој веќе не е активен на ракометните терени.
Дибиров и сезонава најверојатно ќе ја заврши како најдобар стрелец во редовите на Вардар, а после завршување на групната фаза во ЛШ, се наоѓа во ТОП-5 листата на најефикасни играчи. Сезонава има постигнато 69 голови, па останува да видиме дали може да ја помине бројката од 78 голови, што е негова најголема бројка на погодоци во Вардар, достигнување кое го повторуваше во три сезони. Тимур има договор со клубот до крајот на сезоната, а се уште е неизвесно дали ќе ја продолжи кариерата во Вардар, или ќе се одлучи да го напушти Скопје.