Следниве три дена С.Ц. Јане Сандански ќе биде ракометниот центар на најдобрите четири екипи во СЕХА-лигата. Вардар е актуелен освојувач на ова натпреварување и ќе се обиде да стигне до својот четврти трофеј во СЕХА-лигата. Првата пречка кон остварување на целта, ќе биде екипата на Брест Мешков од Белорусија, против која се среќаваме во полуфиналето, дуел кој е закажан да започне од 17:45 часот. Најдобриот стрелец на црвено-црните, Тимур Дибиров со нетрпение го очекува вечерашниот дуел, со напомена дека Мешков е тежок противник, но дека Вардар е максимално подготвен да одговори на предизвикот.
-Очекувам голем спектакл, затоа што секоја наредна година завршниот турнир е се подобро организиран. Ние посакувавме уште од стартот на сезоната фајналфорот да се одржи во Скопје, тоа ќе биде празник на ракометот за нашата публика. Едвај го чекаме полуфиналниот натпревар против Брест Мешков, сакаме да покажеме дека сме подготвени и зрели да ја одбраниме титулата во ова натпреварување. Сепак свесни сме дека ќе биде тешко, секој тим знае да изненади во секој момент и мора да бидеме максимално подготвени за предизвикот.
Квалитетот и домашниот терен се предноста на Вардар на овој завршен турнир. Дибиров се надева дека трофејот на крајот ќе му припадне на Вардар.
-Имаме голема самодоверба пред одигрување на завршниот турнир, оваа арена е нашиот втор дом и секоја екипа која доаѓа во Скопје знае дека е тешко да се замине со победа. Кога не ни оди добро, тука се нашите навивачи кои знаат да не кренат за да играме подобро. Тоа е нашата предност, ние ќе ја играме својата игра и на крајот се надевам дека трофејот ќе заврши во нашите раце.