Димитар Димитрисоки ја игра својата прва сезона во редовите на Европскиот Шампион, откако дојде од екипата на Металург. Клубот во младиот играч кој има и репрезентативни настапи, гледа замена за Тимур Дибиров кој има договор со Вардар до крајот на јуни и не е сигурно дека истиот ќе го продолжи. Во интервју за СЕХА-лигата, Димитриоски говореше за доаѓањето во Вардар.
-Моите пријатели се шегуваа, но ја разбираа ситуацијата во која се најдов. Имав можност да потпишам за екипата која е актуелен Шампион на Европа и СЕХА-лигата. Во Вардар имам можност да учам и да станувам подобар, и сите ме подржаа во одлуката.
Да биде покрај врвни ракометари, е една од причините поради која левото крило се согласило да дојде во Вардар.
-Една од причините поради која дојдов во Вардар, беше да учам од играчи како што се Дибиров, Шишкарев и Чупиќ. Тоа се играчи од светска класа, од кои гледам да научам што е можно повеќе и на тој начин да станам подобар играч.
На прашањето дали можат да се споредат Вардар и Металург, Димитриоски истакна дека не можат да се споредат две екипи кои имаат различни амбиции.
-Со Металург бевме млада екипа која се бореше во СЕХА и Лигата на Шампионите, додека Вардар е тим со поголеми амбиции да освојува трофеи. Не можете да споредите екипа која игра во послабите групи Ц и Д во Лигата на Шампионите, со екипа која владее во ЛШ и СЕХА-лигата.