Saturday ,12 October 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Борозан ја “урна“ Шведска, Шишкарев Словачка, добри настапи имаа Душебаев и Марсениќ
Борозан ја “урна“ Шведска, Шишкарев Словачка, добри настапи имаа Душебаев и Марсениќ

Борозан ја “урна“ Шведска, Шишкарев Словачка, добри настапи имаа Душебаев и Марсениќ

Претстојниве четири дена на програмата се натпреварите од квалификациите за пласман на Европското првенство, кое во 2018 година ќе се одигра во Хрватска. Вардарци ги држи победничкиот ритам од настапите во Вардар и освојување на лигата на шампиони, па добрите игри ги продолжуваат и со своите репрезентации.

Репрезентацијата на Црна Гора успеа да направи важен исчекор кон пласман на ЕП, совладувајќи ја на домапен терен селекцијата на Шведска, со резултат 28:24. Во текот на целиот меч, Црнагорците имаа постојано водство и контрола на резултатот. Предноста од пет гола пред крајот на првото полувреме ја зголемија со серија од неколку погодоци, за на полувреме да имаат високи 16:7.  По само неколку минути игра во второто полувреме, Црна Гора имаше и двоцифрена предност од 18:8.Шведска немаше сили да се врати на натпреварот, а највеќе што успеа да стори е да ја намали негативата на четири гола. Домашната селекција не дозволи неизвесен финиш и на крајот повеќе од заслужено ги освои бодовите.

Вуко Борозан беше лидер на својата земја, постигнувајќи двоцифрен број на голови, или вкупно 10 зад неговото име, со што беше најефикасен на натпреварот.

Шпанија стигна до нова петта последователна победа, овој пат на гостувањето во Босна. Избраниците на Рибера славеа против БИСХ, со резултат од 19:25. Најголемото водство за Шпанија во првиот дел беше три гола разлика, при резултат од 5:8, по што домашната селекција намали на 7:8. Сепак до истекот на првите 30 минути, фуријата ги врати највисоките три гола и на одмор замина со резулат 11:14. Второто полувреме започна со гол на Шпанија, која веќе имаше предност од најголеми 11:15. Босна не се предаваше и не дозволуваше предвреме да биде решен победникот. Во два наврати намалуваа на на 13:16 и 18:21, но немаа квалитет да се носат со Шпанија, која имаше подобар финиш за да забележи нов триумф во својата група.

Во составот на Шпанија за овој дуел, беа Алекс Душебаев кој постигна 4 голови како втор најдобар стрелец во својот тим и Кањелас, кој не постигна гол.

Победа во квалификациската група 6 и за Русија, која во драматичен финиш ја победи Словачка. После почетното водство на Русија од два гола, домашната селекција стигна до израмнување, а се до крајот на првото полувреме се играше гол за гол, иако избраниците на Торгованов беа во постојано водство. На полувреме имавме нерешен резултат од 12:12. Во првите пет минути од второто полувреме, Русија успева да направи серија од 13:16, но Словачка имаше брз одговор, каде врати со иста мера и повторно го израмни резултатот на 17:17. Следеше период во играта, кога Словачка го презема водството, за на десет минути пред крајот да има предност од најголеми два гола разлика. Херојот на Русија на овој меч беше нивниот капитен и играч на Вардар, Данил Шишкарев кој ги постигна последните два гола за неговата екипа, со кои им донесе победа од 24:25.

Токму Шишкарев беше најефикасен во неговата репрезентација, завршувајќи го натпреварот со 6 постигнати голови. Во составот на Русија беше и Александер Деревен, кој не се запиша во листата на стрелци. Во последното коло се сраќаваат селекциите на Русија и Црна Гора. Доколку сака пласман на ЕП, Русија мора да победи, додека на Црна Гора и е доволен и бод од овој натпревар.

Србија иако важеше за фаворит во дуелот со Полска, сепак на крајот не успеа да победи, па така пласманот на ЕП ќе го бара во последното коло против Белорусија. На натпревар со голем број на постигнати голови, двете репрезентации ги поделија бодовите, играјќи со нерешен резултат 34:34. Двете репрезентации имаа добар период во првото полувреме. Најпрво Србија имаше предност од три гола, за Полска да го израмни резултатот, дури и да направи комлетен резултатски пресврт. Сепак до крајот на првиот дел, Србија не дозволи на полувреме да замине со негатива, па по истекот на првите 30 минути, на семафорот стоеше резултат од 19:19. Полска иако без шанси за пласман на ЕП, одигра добар натпревар и беше поблиску до победата. Имаа предност од 32:34, но со два последователни гола на Ненадиќ, Србија стигна до бод од овој меч.

Единствениот играч од Вардар на овој натпревар, беше Мијајло Марсениќ кој го заврши дуелот со два постигнати голови.