Позитивни вести доаѓаат од ракометниот клуб Вардар, кои велат дека Рожерио Мораес Фереира и Калифа Гедбан од денес се приклучија на тренинзите на тимот. Двајцата играчи добија дозвола од лекарскиот тим за тренинг, но одредено време ќе тренираат индивидуално одвоено од екипата. Вуко Борозан е исто така во Скопје, но треба да мине лекарски прегледи пред да добие дозвола за тренирање.
Фереира и Гедбан имаа оперативен зафат, успешно помина периодот на рехабилитација. Фереира имаше операција на коленото додека Гедбан имаше проблеми со препоните. Сепак тренерот Парондо ќе може да смета и на двајцата, кога ќе продолжат натпреварите од месец февруари. Последен кој ќе се приклучи на екипата ќе биде Сергеј Горбок, кој имаше скинато лигаменти, повреда која бараше долг период на рехабилитација. Се очекува рускиот репрезентативец од март да започне да тренира, но прашање е колку би бил подготвен до крајот на сезоната да фати натпреварувачки ритам.
Првиот натпревар Вардар треба да го игра на 31 јануари во Нови Сад во рамките од СЕХА лигата против тимот на Војводина. Во февруари не очекуваат и три натпревари од Лигата на шампионите, против Рајн Некар, Веспрем и Кристијанштад.