Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кизиќ го откажа Металург, кадетите на РК Вардар го добија дербито со својот ривал и го освоија првото место во регуларниот дел од сезоната

Кизиќ го откажа Металург, кадетите на РК Вардар го добија дербито со својот ривал и го освоија првото место во регуларниот дел од сезоната

Вечерва во спортскиот ракометен центар Кале се одигра кадетското ракометно дерби помеѓу машките екипи на Вардар и Металург. Дуелот на најдобрите екипи во регуларнот дел од сезоната им припадна на црвено-црните кои славеа со резултат 27:23.

Заслужена победа за Вардарки кои во текот на целиот меч имаа постојано водство. Веќе на стартот од натпреварот имавме предност од 2:0, а во следните минути во неколку наврати имавме позитива од два гола разлика (3:1, 4:2 и 6:4). Првото израмнување се случува во 13 минута, кога екипата на Металург успева да го израмни резултатот на 6:6. Од тој момент нашите кадети постигнуваат три последователни голови и за прв пат имаат три гола предност (9:6). За момент гостите од автокоманда намалуваат на 9:7, но црвено-црните повторно прават мини серија и се одлепуваат на највисоки пет голови разлика (12:7). Имавме и предност од 14:9, но до крајот на првото полувреме примивме два погодоци и на одмор се замина со резултат 14:11. На голот го имавме расположениот Кизиќ, кој беше нерешлива енигма за составот од автокоманда.

Вториот дел започна со гол на Вардар, за водство од 15:11. Повторно противникот не дозволува резултатски да се одлепиме и намалува на 15:13. Сепак избраниците на Чивлачки и Грчевски беа упорни во својата игра и повторно стигнуваат до највисоките пет голови (21:16). Последната резултатска неизвезност беше при резултат 21:18 и тоа е се што стори екипата на Металург. Вардарци вратија со серија од 4:0 и имаа убедливи 25:18, по што беше познат победникот на овој натпревар. Гостинот немаше сила да се врати во натпреварот и највеќе што успеа да стори е до истекот на 60-те минути да намали на 27:23, што беше и конечен резултат на крајот.

Блескаше на голот, Марко Кизиќ кој го заврши натпреварот со 21 успешна интервенција, додека најефикасен во нашите редови беше крилото Ќосевски со 6 голови. Пет беа зад името на Васе Наков.

РК Вардар: Ќосевски 6, Антевски 3, Миланов, Милошески 2, Тушев,, Атанасовски 4, Бикоски 2, Кизиќ, Олтовски 3, Нанов, Стојановски, Николов, Мисаилески 2, Мајсторовски, Радуловиќ, Наков 5.

Со овој триумф Вардар го заврши регуларниот дел од сезоната на првото место во својата група и заедно со тимот на Металург се пласираа на завршниот турнир. Таму друштво од другата група ќе им прават екипите на Јуниор Ивни и Струга. Завршниот турнир се игра во недела во салата во Автокоманда, а наш противник во полуфиналето ќе биде тимот на Струга.