РК Вардар денеска и официјално ги стартуваше подготовките за престојната сезона. Оваа сезона, исто како и минатата, нашиот шампион ќе се натпреварува на четири фронта. Секако, дека главна цел и оваа сезона е пласман на завршниот турнир од Лигата на шампионите. Нашиот тренер Гонзалез, денеска даде интервју за официјалната страна на клубот, па ви ја пренесуваме истата:
„Почнува нова сезона пред нас. Имаме доста нови играчи, и доста повисоки. Тоа веројатно ќе менува и нешто во нашата игра. Целта сезонава ќе биде да играме со помалку измени во напад и одбрана. За тоа ќе треба да бидеме добро подготвени, за да играме добро. Имаме време до почетокот на натпреварите. Ќе играме и неколку контролни средби. Неколку нови играчи ни се приклучија и ќе ни треба малку време додека и тие се вклопат во нашиот систем на играње. Засега ќе тренираме во Скопје, а потоа заминуваме во Словенија, вели Раул Гонзалез.
На првиот тренинг во СЦ „Јане Сандански” се појавија и неколку млади ракометари од вториот тим на Вардар. Подеднакво ги издржаа напорите на првиот тренинг. На подготовките ќе бидат Даниел Ѓоршески, Тоше Ончев, Мартин Попоски и Владо Недановски.
„Тие засега ќе тренираат со нас. Ќе го следиме нивниот развој и ќе видиме колку може да се вклопат. Некои од нив и ќе добијат и шанса за играње. Сакаме и оние што се од нашите школи да имаат шанса да тренираат со нас. Тоа ќе биде добро и за нивната игра, вели Гонзалез.
Во новата сезона Вардар повторно ќе биде тим што ќе атакува на повисоко место, не само во лигата на шампионите, туку и во СЕХА лигата.
„Рано е уште да се кажува нешто предвреме. Најважно е да бидеме подготвени. Ова повторно ќе биде една напорна и долга сезона. Нормално е дека посакуваме да стигнеме до Ф4 турнирот, и до врвот на СЕХА лигата. Тоа се нашите желби. Останува да работиме за нивно исполнување, вели Гонзалез.