Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Градско дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува на екипата на Металург
Градско дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува на екипата на Металург

Градско дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува на екипата на Металург

Вечерва продолжуваат натпреварите за Вардар во рамките на СЕХА-лигата. На програмата е градското дерби против екипата на Металург, меч кој ќе се одигра во С.Ц. Борис Трајковски со почеток од 20:15 часот.

Вардарци до крајот на овој месец ќе се насочат на мечевите во СЕХА-лигата, со оглед дека последниот натпревар во ЛШ за оваа календарска година го одигравме во саботата кога пред своите навивачи го победивме тимот на Киелце. Натреварите со Металург секогаш носеле возбудувања, па се надеваме дека и вечерва ќе видеме врвен и квалитетен ракомет од двете страни, со оглед дека тимот од Автокоманда е секогаш мотивиран во дуелите со нашиот состав.

Металург оваа сезона не игра баш најдобро во СЕХА-лигата, со оглед дека после девет одиграни натпревари има само четири освоени бодови. Избраниците на Данило Брестовац остварија само една победа против екипата на Татран Прешов која е претедент за пласман на завршниот турнир и одиграа нерешено во истава сала против последнопласираниот тим на Извиѓач. Неодамна екипата ја засилија неколку нови ракометари, кои треба да ја подигнат играта на Металург, тоа се Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонсало Рибеиро. Нашиот вечерашен противник не се прослави многу ниту на натпреварите од Лигата на Шампионите, каде веќе ги завршија своите настапи, пласирајќи се на последното место на табелата во послабите групи, каде на десет одиграни натпревари имаа само еден триумф. Секако голема загуба за тимот беше заминувањето на најдобриот стрелец Халил Јагањац кој премина во екипата на Нексе, а Металург има играч кој е во ТОП-10 стрелци во СЕХА-лигата, се работи за десното крило Анте Токиќ кој има постигнато 39 голови.

Интересно последните седум меѓусебни дуели во СЕХА-лигата на овие две екипи ги добил Вардар, а најголемата победа на црвено-црните е минатата сезона кога во истава сала каде вечерва ќе се одигра мечот, Вардар славеше со резултат 23:32. Последен пат, Металург се радувал на победа над Вардар пред цели пет години, кога успеал на наш терен да слави минимално со еден гол разлика, додека истата година сме одиграле и со нерешен резултат.

И двете екипи имаат проблеми со повредени играчи, сепак Вардар е фаворит за освојување на бодовите од овој меч. Доколку триумфираме ќе се израмниме според бројот на освоени бодови со екипата на ППД Загреб, која вчера славеше во хрватското дерби против Нексе. Директен пренос од вечерашниот натпревар можете да проследите на МРТ и Арена Спорт 4. Се надеваме и на поддршка од вардаровите навивачи, кон уште една победа, која би била осма во СЕХА-лигата сезонава.