Новата генерација на ракометниот клуб Вардар, родени 2004/05 година ја сочинуваат ракометари кои претходниве две години беа дел од “Јуниор“ лигата, големиот проект на РК Вардар. Најдобрите играчи од сите школи кои се дел од академијата на Вардар, добија можност да тренираат и играат натпревари за пионерите на Вардар Јуниор. Тие и во новата сезона ќе продолжат да се натпреваруваат во “Јуниор“ лигата, а нивниот напредок константно ќе биде следен од тренерот Зоран Петковски и другите стручни лица во клубот. Еден од играчите кој доби можност и доверба да игра за најголемиот клуб е и Давид Славевски, кој настапува за ракометната школа, Никола Бисинов од Велес. Во следниот текст ве запознаваме со ракометните почетоци на Давид и тоа како стигнал да тренира во школата од Велес, која прво го носела името РК Борец, а сега се натпреварува како РК Бисинов.
-Со ракомет започнав да се занимавам на чуден начин. Тој ден бев излезен со другарите да играме фудбал во училиштето “Васил Главинов“. Игралиштето беше зафатено, па решивме да влеземе во салата. Внатре тренерот Никола Бисинов го одржуваше својот тренинг. Тој љубезно не покани на тренингот. Земавме по една топка и ги започнавме вежбите што ги работеа. Кога заврши тренингот, со трчање отидов дома да им кажам на родителите дека сакам да тренирам ракомет. Почнав да тренирам во трето одделение, на 8 години. Во тоа време школата се викаше РК Борец. Таму тренирав две години. На еден тренинг тренерот Никола Бисинов не собра и ни кажа дека од сега клубот ќе биде под академија на Вардар и дека новото име на клубот е РК Бисинов Вардар.
“Јуниор“ лигата е најзаслужна за неговиот развој и можноста да напредува во неговата играчка кариера, а токму главниот чекор Давид го направи со тоа што доби шанса да игра во Вардар.
“Јуниор“ лигата според мене е одличен проект на Вардар во кој децата од цела Македонија можат да го докажат нивниот талент и искуство. Две години бев дел од “Јуниор“ Лигата. Имавме шанса да добиеме од најквалитетната опрема и имавме шанси да присуствуваме на неколку натпревари на РК Вардар.
Давид го живее својот сон и веста дека ќе биде дел од црвено-црните му ја соопштил тренерот во неговата школа, Никола Бисинов.
-Веќе два месеци сум во екипата на РК Вардар. Тука дојдов со помошта на тренерот Никола Бисинов. Тој дојде на еден тренинг од летните припреми, не собра нас децата од 2004 година и ни рече дека од утре почнуваме да тренираме во Вардар. Ние возбудени едвај чекавме да се запознаеме со новите играчи и со новиот тренер Зоран Петковски. Сега со таа екипа учествуваме во лигата на ракометната федерација.
Оваа помлада генерација на пионери на Вардар по четири одиграни кола има половичен учинок од две победи и два порази, иако се натпреварува со повозрасни екипи.
-Во лигата сме најмали и најмалку сме воиграни едни со други. На претпоследниот натпревар игравме со Металург. На тој натпревар победивме со 19-18 и јас постигнав еден гол, додека бевме поразени во дуелот со Гостивар, на кој имав два погодоци. Но за мене не се важни головите, туку и целосната игра на натпреварот. За тоа што сум во Вардар е заслужен е Никола Бисинов, за целиот труд што го вложил во мене за да напреднам и да бидам дел од екипата на Вардар.
Звонко Ивановски