После Барселона за само два дена падна и екипата на ППД Загреб, на натпревар од СЕХА-лигата. Ниту заморот не беше пречка за избраниците на Раул Гонзалес да прикажат нова одлична игра и да го совладаат противникот и тоа убедливо со резултат 30:23. Прв пат сезонава на голот застана Страхиња Милиќ, кој бранеше одлично и беше еден од најзаслужните за високиот триумф. Милиќ го заврши мечот со 16 успешни интервенции. Нашиот голман истакна дека сериозниот пристап бил пресуден за уште една победа на контото на Вардарци.
-Беше одлично, влеговме сериозно во натпреварот и не им дозволивме на бековите на ППД Загреб да се распукаат и им излеговме напред во одбраната. Одбраната беше добра, пристапот кон натпреварот одличен. Малку нападот не беше на своето ниво, но кога се ќе се сумира, една добра игра од наша страна, пред се многу сериозна, истакна Милиќ.