Нашиот медидум кој активно ги следи младинските категории на ракометниот клуб Вардар продолжува со интервјуа од младите и талентирани играчи. Еден од нив е Виктор Трифуноски кој ја игра својата прва сезона за пионерите на РК Вардар. Тој дојде од екипата на Гостивар, се работи за одличен ракометар кој настапува на позицијата среден бек. Раполага со силен удар и е висок е 1.85 см. Во следново наше интервју ве запознаваме токму со Виктор Трифуноски.
1. Дали ракометот беше ваша прва желба и дали сметате дека се решивте за вистинскиот спорт ?
-Најпрво започнав да тренирам фудбал, но ги истегнав лигаментите и не можев да продолжам понатаму. Уште како мал сонував да играм ракомет, па мојата желба ми се исполни. Продолжив со овој спорт и еве денес сум во најголемиот клуб во Македонија.
2. На колку години започнавте да тренирате ракомет, во која школа и кој беше првиот тренер со кој со соработувавте ?
-Започнав да тренирам ракомет кога имав 12 години во ракометната школа “ГРК Гостивар“, каде играв три години. Мојот прв тренер беше Фари Селмани, од кој ги научив почетоците во ракометната игра. Сигурно дека ќе го паметам како човек од кој многу научив за ракометот, што ми овозможи во иднина да се усовршувам.
3. Како се случи да преминете во ракометниот клуб Вардар, кој го препозна вашиот потенцијал ?
-Бев на неколку тренинзи во академијата на РК Вардар, под водство на Зоран Петковски. Имав можност со Гостивар да настапам на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов“ кој е во организација на Вардар, па моите настапи биле забележани од стручните лица во Вардар, така се случи да добијам повик од тренерот Петковски за да бидам дел од подготовките со пионерите на Вардар. Задоволив со моите игри и залагање, како на тренинзите, така и на натпреварите, па тренерот реши да ми пружи шанса да го носам црвено-црниот дрес.
4. Со пионерите на Вардар настапивте на три турнири, на кои имавте забележителни резултати. Како ја оценуваш играта и пласманот на твојот тим, колку тие ви помогнаа да бидете подобри ?
-Имавме можност да бидеме дел од три различни турнири, на кои стекнавме големо и непроценливо искуство. Од постигнатите резултати бевме задоволни и нашиот тренер, како и целата екипа. На турнирот во Илинден се натпреварувавме со екипи повозрасни од нас, но сепак успевме да се пласираме во најдобрите осум на овој турнир. Турнирот во Илинден беше само загревање, за она што не очекуваше на силниот меѓународен турнир во Белград. Токму споменатиов турнир беше голем предизвик за нас, да се види до каде е нашата форма и нашето достигнување. Во конкуренција на 20 силни екипи од Балканот, на крајот завршивме на одличното второ место. Поради отсуството на некои играчи, не можевме даја прикажеме нашата најдобра игра во финалето, па бевме поразени. Сепак дома се вративме со сребрен медал, што исто така е голем успех. На последниот турнир кој го организираше нашиот клуб, на убедлив начин стигнавме до првото место. Бевме најголеми фаворити за трофејот уште пред стартот на турнирот и на крајот ги исполнивме очекувањата на нашиот тренер.
5. Дали ги гледате натпреварите на Вардар во Лигата на Шампионите, дали тие се можеби вашиот омилен тим во Европа и кој е вашиот ракометен идол ?
-Редовно ги следам натпреварите на Вардар, како во Лигата на Шампионите, така и во СЕХА-лигата. Токму Вардар е мојот омилен клуб во Европа, имаат многу добра игра и секогаш со воодушевување ги следам нивните настапи. Често ги гледам и нивните тренинзи во С.Ц. Јане Сандански, во екипата настапуваат ракометари кои се големи ракометни ѕвезди во Европа. Мојот идол е Домагој Дувњак кој настапува за Кил, уште како мал го следам и многу му си допаѓа неговиот стил на игра.
6. На стартот од пролетниот дел бевте поразени во дербито од екипата на Металург. Како вие го видовте овој дуел во пионерската лига, кој беше решавачки за патникот на завршниот турнир ?
-Очекувањата пред дербито со Металург беа големи и ние бевме подготвени за да победиме и да ја надминеме разликата од три гола која ни беше потребна за подобар скор со противникот од Автокоманда. Сепак екипата на Металург се реши да настапи со неколку повозрасни играчи, што се почуствува и на теренот. Иако водевме во текот на целото прво полувреме, во вториот дел екипата на Металург направи пресврт и на крајот славеше минимално.
7. Имате можност да работите со „Зенга“, колку знаете за неговата играчка кариера, за каков човек и тренер станува збор ?
-Зоран Петковски е најдобриот тренер со кој сум соработувал, се работи за голманска легенда на Вардар и Македонската репрезентација. Се работи за многу добар човек, кој ми помага да станам се подобар и подобар играч. Многу често зборуваме и надвор од теренот и сите нас во тимот не учи на вистинските вредности во животот. Целата екипа е задоволна од неговата работа и не сме горди што имаме можност да учиме од таков тренер.
8.Која е позицијата на која настапувате, дали можете да одговорите и на други позиции на теренот ?
-Настапувам на позицијата среден бек, тоа е мојата омилена позиција на теренот. Се случува и да играм и како лев бек, тогаш кога има потреба и ога тренерот смета дека треба да бидам на оваа позиција.
9. Кои се главните фактори за еден играч во иднина да биде успешен ?
-Многу работа, труд и многу посветеност за ракометот, ако еден ден сакаш да стигнеш до некое задоволително ниво. Максимална посвета и ангажираност како на тренинзите, така и на натпреварите.
10. Виктор дали имате некоја цел во иднина, дали сте размислувале на оваа тема ?
-Многу вложувам во себе и еден ден се надевам дека ќе ми се исплати. Секако целта е да се поминат сите младински екипи на Вардар и да се стигне до првиот тим. Сепак тоа не е лесно, но мора да веруваш во себе, само така можеш да се надеваш дека ќе го исполниш својот сон.
Звонко Ивановски