Екипата на РК Вардар Јуниор стигна до тешка, но многу важна победа во рамките на најсилната супер лига. Избраниците на Стојан Петрушевски со резултатски пресврт во второто полувреме го добија натпреварот со екипата на Радовиш, кој се одигра на Кале. Нашиот млад состав одигра многу слабо прво полувреме, кога направивме голем број на грешки и му дозволивме на противникот да стигне до предност од шест голови. Истата до крајот на првиот дел беше намалена на четири гола. Во второто полувреме го покажавме вистинското лице и игравме како и што се очекува од оваа екипа на Вардар. На крај победивме со резултат 24:22. Црнагорскиот интернационалец, Ристо Вујачиќ постигна 7 голови, но нашиот голман Филип Ивановски беше еден од најзаслужните за победата. Во моментите кога го стигавме водството на Радовиш, Ивановски одбрани неколку добри удари, кои беа мотив за неговитге соиграчи да поведат и на крајот да слават.
-Ние сме млада екипа, поголем дел од играчите немаат воопшто искуство со натпревари во супер лигата, па затоа и на моменти играме така променливо. Во првото полувреме навистина одигравме многу слабо, што беше под нашите можности што резултираше и со многу технички грешки во нападот и одбраната. Секако дека советите на тренерот Петрушевски на полувремето беа пресудни да заиграме многу подобро и поквалитетно. Бевме помотивирани и покажавме карактер за да ја анулираме негативата од четири голови. Среќен сум и задоволен што на крајот го добивме натпреварот и на тој начин ја зголемивме нашата самодоверба во пресрет на следните натпревари кои не очекуваат. Што се однесува до мојот настап може да кажам дека сум задоволен како одбранив, но не во целина зато што знам дека можам многу повеќе и се надевам дека во иднина ќе го покажам тоа и ќе придонесам за нови победи на нашиот тим.
Ова беше втора победа за Вардарци, кои имаат уште два нерешени резултати и осум порази. Сепак како што потенцира Ивановски се работи за многу млада екипа, која нема искуство со играње на мечеви во супер лигата. Како потсетување најголем дел од составот го сочинуваат играчи кои минатата сезона играа во првата ракометна лига, а пред две години беа шампиони во младинската лига. Сепак ваквите натпревари се непроценливо искуство за овие млади играчи кои имаат перспектива во наредните години да “затропаат“ на вратата на првиот тим.
-Како што споменав ние сме млад тим и голем дел од играчите за прв пат се среќаваат со вакви предизвици и е потребно повеќе време да се стекне потребното искуство и самодовербата. На некои претходни натпревари игравме добро, но поради тоа наше неискуство во клучните моменти не успевавме да ја задржиме концетрацијата и да оствариме позитивен резултат. Со секој нареден меч нашата форма расте и покажуваме дека можеме со секој да се надигруваме, без оглед кој е противникот, изјави Филип Ивановски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски