Ракометарите на Вардар ги очекува најважниот дел од ракометната сезона. По оваа пауза поради коронавирусот, играчите на Европскиот шампион ќе ги имаат завршните дуели со ПИК Сегед во Л.Ш и со Нексе во СЕХА, па доколку сакаат да играат и понатаму во овие натпреварувања ќе треба да одиграа најдобро што знаат. Скубе, еден од најискусните во Вардар, вели дека мораат да бидат реални, а потенцираше дека доколку даваат 200% на секој меч ќе биде многу подобро на теренот.
„Мислам дека оваа сезона е најтурбулентната во историјата на клубот. Почнавме одлично со три победи и потоа многу нешта се случија – промена на тренери, финансиски проблеми и заминувања на играчи, па ние сите тоа го почувствувавме. Ако ги земеме во предвид сите овие фактори, овој резултат е реален“, вели Сташ.
„Мораме да бидеме реални. Тимот што лани стигна до титулата не може да се споредува со овој сега, па не можеме да очекуваме повторување на ланското сцнеарио. Но, ако немавме срце и карактер, немаше да бидеме шампиони лани и клубот немаше да постои. Ситуацијата е навистина тешка, но ние даваме 200% од себе, така ќе биде до крајот на сезоната и нема да плачеме поради проблемите со кои се соочуваме. Верувам дека ова ќе заврши во позитивна насока“, заврши Скубе.