Вардар и Порто ги поделија бодовите, на натпревар од 5.коло во Лигата на Шампионите. Интересен натпревар проследивме вечерва во С.Ц. Јане Сандански. И двете екипи имаа шанси за победа, но на крајот можеби нерешениот резултат беше и реален. Се вративме од два гола негатива во последните минути, за со голот на Чупиќ и да поведеме, но немавме среќа во последната секунда од дуелот, кога играчот на Порто постигна гол и го израмни резултатот на 25:25.
По завршување на натпреварот се одржа прес-конференција, на која впечатовите од дуелот ги споделија тренерот Алушовски и играчот Вујин.
-Сакам да му честитам на Порто за добриот натпревар. Се остварија најавите дека ќе биде тешко и дека Порто ќе игра 7-6. На крајот немавме среќа да се радуваме, но можеби противникот и заслужи бод од натпреварот. Добро ја анализирале нашата игра, за нас хендикеп беше неиграњето на Дисингер и немањето на шутер во нападот, освен Марко Вујин, а го затворија и нашиот пивотмен. Имавме големи проблеми во нападот, мислам дека одбраната беше коректна. Сакам да им честитам на моите момци што се вратија од загубен натпревар и што освоија значаен бод за нас, истакна шефот на стручниот штаб.
Честитки за Порто за фер и коректната игра. Имавме многу техички грешки во нападот и промашени зицери, кои се надевам дека ќе ги исправиме во наредните натпревари. На крајот поделба на бодовите мислам дека е најреален резултат, со оглед дека не бевме на ниво како на натпреварот со Фленсбург, а Порто е одлична екипа која тоа го искористи во текот на целото второ полувреме. Можеме да бидеме среќни и со бодот, одевме на победа, но сепак не успеавме, изјави Вујин.