Вардар стигна до втора победа сезонава во Лигата на Шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните беа подобри од екипата на Алборг, која имаше улога на фаворит во пресрет на натпреварот. Сепак вардарци одиграа одличен натпревар и на крајот заслужено победија со резултат 30:28.
После завршување на натпреварот на прес-конференцијата пред медиумите се обрати Веселин Вујовиќ кој го изјави следново:
„За мене Алборг е меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Имам голема почит. Ми беше страв пред натпреварот. Но, за време на истиот видов борба, контрола, посебно во одбраната каде игравме цврсто. Го имавме и расположениот Борко на голот. Му посакувам на противникот среќа па дури и пласман на Ф4-турнирот во Келн“
Творец на големата победа беше Борко Ристовски кој натпреварот го заврши со 16 одбрани.
„Сум кажал повеќе пати, не ми се важни одбраните, важни ми е што победивме. Во претходните натпревари Мартин беше неверојатен, тој е млад голман, го чекаат уште многу вакви натпревари. Сите сме тука да му помогнеме на Вардар. Кога говорам за мечот, доста тежок натпревар. Можеби од трибини не изгледаше така, ама Алборг е технички и тактички подготвена екипа. Кога се ќе се собере и одземе, ова е еден убав почеток на една сезона. Не чекаат уште натпревари, така што мислам дека не треба да се залетуваме и да одиме чекор по чекор понатаму“, истакна Борко.