Денес во С.Р.Ц. Кале продолжија натпреварите од ракометната “Јуниор Лига“. Во машкиот дел кај генерацијата родени 2006/07 година се одиграа два натпревари. Победи остварија екипите на Урдаревски и Бисинов, во дуелите со Балтепе.
Утринската програма ја отворија екипите на Урдаревски од Скопје и Балтепе од Тетово, натпревар кој заврши со убедлива победа од 16:6. Само еднаш гледавме нерешен резултат кога на семафорот беше 1:1, за во следниот период екипата на Урдаревски да постигне шест последователни голови и да зголеми на 7:1. До крајот на првиот дел, скопската екипа ја одржи оваа позитива од шст голови разлика и на одмор се замина со резултат од 10:4.
Ниту во вториот дел екипата на Балтепе не успеа да се врати во игра, кога постигнаа само два гола, а веќе на стартот Урдаревски стигна до двоцифрена предност од 14:4. До крајот на мечот двете екипи постигнаа по два гола, за на крајот конечниот резултат да гласи 16:6.
Балтепе одигра нов меч во истава возрасна генерација, кој го загуби од РК Бисинов. Во првите пет минути гледавме израмнет меч, кога резултатот беше 3:3, за избраниците на Никола Бисинов да направат серија од 0:4 и да зголемат на 3:7. До крајот на првото полувреме, Бисинов го големи резултатот и на кратка пауза се замина со резултат од 5:10.
И во второто полувреме екипата на Бисинов имаше контрола на резултатот, кога имаше и највисоки седум голови предност, додека најмногу што успеа да стори Балтепе е да намали на четири гола негатива. На крајот заслужена победа за Бисинов, со конечен резултат од 12:19.