Кадетите на Вардар во големата сала на С.Ц. Јане Сандански попладнево дојдоа до петтата последователна победа, во рамките на групата-1 од кадетската лига. Избраниците на Будимир Андријана и Станковски Аце беа домаќини на екипата на РК Бутел, меч во кој доминиравме и покажавме дека сме фаворити за првото место во оваа група го добивме со високи 16 гола предност. Момците во црвено-црно победија на оваа кадетска средба со 40-24 (19-12).
Започнавме со водство преку Грујовски кој отвори со 1-0, противникот во следните напади успеа да врзе два гола и да поведе со 1-2. Влеговме во серија, одигравме одлично во одбрана и со серија 4-1 успеавме да поведеме со голот на Чакалиќ во 9.минута со 5-3. Најголемата предност до тогаш од шест гола, 11-5 ја имавме во 17.минута кога Чакалиќ погоди од пенал. Следеше игра гол за гол во продолжение, се играше цврст дуел, нашите момци играа борбено со целосна посветеност. Во последната минута влеговме со шестте гола, на семафорот во С.Ц “Јане Сандански“ стоеше 18-12. Во последниот напад на само 3.секунди до крај Чакалиќ погоди за 19-12, тогаш првпат отидовме на плус седум, веднаш потоа се огласи “сирената“ за одмор. Во првиот дел Чакалиќ и Димитријевски беа одлични во напад и го завршија истиот со по шет гола во мрежата на РК Бутел.
Вториот дел го отворивме одлично, советите на Будимир на полувремето за цврста игра во одбрана вродија со плод, успеавме да одбраниме четири напади по ред, а во офанзивата исто толку пати “казнивме“. Со голот на Савревски поведовме со 23-12 по што клупата на гостинот побара тајм-аут. Но и тоа не смени ништо, минутата одмор не го прекина нашиот ритам. Од минута во минута додатно ја зголемувавме нашата предност се до последната минута кога водевме со 15+, на семафорот стоеше 39-24. Последната наша акција беше во тек, со “цепелин“ гол постигна Савревски Давид по одлична асистенција на Мишевски Марио. Со оваа атракција го поставивме конечниот резултат 40-24.
Нашите момци покажаа дека се цврст тим во одбраната, нешто што одамна ги краси и инвентивни во нападот. Прв стрелец кај нас беше Чакалиќ со 9 гола, Димитријевски постигна 7, Савревски стрелаше умешно 5 пати, а по 4 гола имаа: Пешевски, Мишевски и Калајџиески.