Кадетите и младинците на ракометниот клуб Вардар беа непријатно изненадени од своите противници во рамките на првото пролетно коло во своите лиги. Црвено-црните беа поразени на гостински терен во дуелите со екипите на Радовиш и Охрид.
Натпреварот од 9-то коло во Кадетската ракометна лига на Македонија, кој беше и дерби натпревар, а се одигра во Срц „25 мај“ во Радовиш, истоимената екипа на крај беше подобра од составот кој го предводи тренерот Слободан Чивлачки. Радовиш убедливо го доби мечот со резултат 26:19. На полувреме домаќинот исто така имаше водство од три голови разлика (13:10). Во второто полувреме црвено-црните не успеаа да се вратат во игра, забележувајќи го на тој начин вториот пораз во сезоната. Инаку ова беше меч за второто место на табелата, кое на крај води на завршниот турнир на најдобрите четири екипи во кадетска конкуренција. Радовиш сега има два бода повеќе од Вардар на табелата, но и натпревар повеќе од нашиот тим.
Младинците на РК Вардар си ги намалија шансите за учество на Ф4 во својата категорија, откако непланирано загубија од последно пласираниот на табелата, екипата на Охрид 2013.Иако имаа водство на неколку минути пред крај, сепак “прокоцкаа“ два голови разлика. Конечниот резултат гласеше 28:27 во корист на домашната екипа. Ова инаку беше прв триумф за екипата на Охрид во лигата, додека составот предводен од Чивлачки го забележа треттиот пораз, со кој ги смалија шансите за освојување на второто место во својата група.