Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Кадетите на РК Вардар го освоија бронзениот медал на завршниот турнир
Кадетите на РК Вардар го освоија бронзениот медал на завршниот турнир

Кадетите на РК Вардар го освоија бронзениот медал на завршниот турнир

Кадетите на РК Вардар се освојувачи на бронзениот медал. На завршниот турнир кој се игра во Богданци, избраниците на Зоран Петковски во малото финале беа подобри од екипата на Струга.

Вардарци немаа никакви проблеми околу победата на овој натпревар. Струга беше екипата која подобро го отвори натпреварот кога ги постигна првите два гола на овој дуел, додека Вардар погоди од својот трет напад. Како што напоменавме противникот отвори со предност од 2:0, но следеше голема серија на црвено-црните од 7:0 за предност од 7:2, по што беше јасно во каков правец ќе оди натпреварот. Александар Стојменов беше играчот кој го постигна првиот гол за Вардар, додека следеа погодоци и за Петковски и Трајановски, па така во 10 минута имавме позитива од пет гола. После 7 минути без погодок, Струга успеа да го пронајде патот до нашата мрежа, за намалување на резултатот. При резултат 9:3, противничкиот тренер се реши да побара минута одмор, но ниту тоа не донесе промени во играта на Струга. Вардар само го зголемуваше резултатот, за на полувреме да стигне до високи девет гола разлика (16:7), со голот на Матеј Трајановски, кој го постави овој резултат на полувреме.

Во второто полувреме, тренерот на Вардар, Петковски-Зенга, во игра уфрли различна постава, давајќи на тоој начин шанса за настап на сите играчи. На самиот старт на вториот дел стигнавме и до двоцифрена предност од 17:7. Тимот на Струга се обидуваше да го намали резултатот, тоа им успеа кога постигнаа гол за 19:11, но во 30 минута, Вардар ја врати двоцифрената разлика и поведе со 21:11. Да напоменеме дека се играа две полувремиња по 20 минути. Шанса на голот на Вардар добија сите тројца, и секој од нив имаше свои одбрани. Немаше никакви возбудувања во вториот дел, предноста на нашите кадети само растеше, за на крајот да стигнеме до победа изразена со резултат 29:18.

Честитки до вардаровите кадети на чело со тренерот Зоран Петковски за освоениот бронзен медал на завршниот турнир во кадетската лига.