Денес во спортската сала во населбата Автокоманда се одигра завршниот турнир на најдобрите четири екипи во кадетска конкуренција. Шампион на Македонија за сезоната 2015/16 е екипата на Металург, која во големото финале го совлада Вардар.
Во преполната сала во Автокоманда вечерва се играше врвен ракомет, како што му доликува на едно големо ракометно финале. Во една машка и цврста борба од двете екипи, на крајот сепак победник беше тимот на Металург. Домашната екипа одлично го отвори финалето и веќе по 6 минути игра имаше водство од 4:1, што беше знак за тренерот Чивлачки да повика тајм-аут. Како одминуваше натпреварот, Вардарци играа се подобро и почнаа да му покажуваат “заби“ на противникот. Марко Кизиќ повторно беше на своето ниво и има голем удел во ова освоено вицешампионско место. Конечно успеваме да ја прекинеме серијата и да постигнеме гол, а во следниот напад на Металург, Кизиќ брани удар од седум метри. Домаќинот имаше постојано водство во текот на целото полувреме, но не повисоки од три гола. Нашиот најдобар играч Мартин Карапалевски не дозволуваше противникот да се одлепи и предвреме да го реши финалето. Со неговиот погодок се враќаме во игра и намалуваме на еден гол негатива 6:5. Металург повторно успева со два гола во серија да ги врати оние највисоки три позитива, доволни до крајот на првото полувреме да има предност од 12:10.
Спротивно на првиот дел, вторите 30 минути започнаа со три последователни гола за црвено-црните, кои им донесоа прва предност на овој меч (12:13). Организаторот на играта на Вардар, Благоја Антевски со своите пробиви и создаваше големи проблеми на противничката одбрана, додека Карапалевски беше вистински водач на Вардар. До 44 минута резултатот на семафарот беше израмнет 17:17. Вистинска војна се водеше на теренот за секоја топка, за секој напад и погодок. Металург повторно успева да се одлепи на два гола разлика 19:17 во 47 минута и од тие моменти па се до крајот да го задржи водството. Црвено-црните уште еднаш го израмнија резултатот, но домаќинот одговори со серија од 3:0 за водство од 22:19. Влеговме во неизвесни пет минути, каде Металург имаше две зицер позиции за плус четири гола предност, но не успеа да реализира, или поточно Кизиќ ги спречи нивните удар. На 3 минути пред крај резултатот беше тесен 23:22, но немавме сили за пресврт. Металург до крајот постигна повеќе голови од нас, за конечен триумф од 26:23. Карапалевски со 9 и Ќосевски со 6 гола беа најефикасни во редовите на Вардар.
Заморот си го направи своето, во полуфиналето игравме исцрпувачки меч со ХЈС Работник, кој го добивме исто така по една голема и тешка борба на теренот. Сепак нема што да им се замери на нашите момци, кои одиграа машки до крај и ниту во еден момент не се предадоа. Со оглед дека оваа генерација влезе во новата сезона со речиси нов состав, ова е повеќе и од голем успех за тренерот Слободан Чивлачки, кој направи еден компактен и цврст тим. За најдобар голман на крајот, заслужено беше прогласен Марко Кизиќ. Честитки и од нашата редакција, која оваа сезона беше верна сенка на нивните натпревари и константно ги следевме нивните настапи. Сега следува заслужен одмор, а со нови сили во следната сезона го напаѓаме на првото место.