Кадетската ракометна репрезентација веќе се наоѓа во Бугарија, каде во периодот од 15-21 август ќе учествува на ЕХФ шампионатот, кој ќе се игра во оваа земја. Како увертира на ова натпреварување, нашите млади надежи денес и во недела ќе одиграат два контролни натпревари со домашната селекција на Бугарија. Инаку на ЕХФ шампионатот ќе учествуваат десет репрезентации поделени во две групи. Македонија е заедно во група со репрезентациите на Унгарија, Ерменија, Украина, Косово и Кипар. Првиот натпревар ќе биде против Кипар, натпревар кој ќе се одигра во понеделник со почеток од 15 часот по локално време ( 14:00 по Македонско).
Во составот на тренерот Илија Темелковски се наоѓаат и четворица ракометари кои доѓаат од Вардар. Дејан Кукуловски и Иван Димитровски од Вардар Јуниор, потоа Стефан Крстевски од РК Вардар 2, како и Марко Кизиќ од младинскиот состав ќе ги бранат боите на својата земја на ЕХФ шампионатот.