Каков ќе биде составот на СЕХА-лигата ќе биде познато за најмногу седум дена, кога челните луѓе во ова натпреварување треба да излезат со официјален став околу екипите учесници, кои во новата сезона ќе бидат дел од ова натпреварување.
Едно е сигурно дека во новата сезона нема да ги гледаме екипите на Горење Велење и Динамо Панчево. Како втор претставник од Србија, ќе биде тимот на Железничар од Ниш, кој ќе ја има дебитанската сезона во СЕХА-лигата, екипата која од клупата ќе ја предводи поранешниот тренер на Вардар, се работи за Веселин Вујовиќ. Вториот претставник од Србија е екипата на Војводина која успеа да ја одбрани титулата во националното првенство. Македонија повторно ќе има два претставника, во екипите на Вардар како актуелен освојувач на лигата и клуб со најмногу, вкупно четири трофеи во СЕХА и тимот на Металург, кој исто така е редовен учесник. Дел од СЕХА-лигата во новата сезона ќе бидат и екипите на Татран Прешов, Брест Мешков, од Хрватска тоа се, ППД Загреб и Нексе.
Иако кружат информации се уште нема официјална потврда дали екипата на Целје П.Л ќе продолжи во лигата, со оглед дека имаше промени во нивната лига, околу системот на натпреварување, сепак до овој момент од Целје нема информација дека би отстапиле од лигата. Има и можност за приклучување на екипи од Унгарија, но тоа се зема како резерва, иако мали се шансите да дојде до такво нешто. Како варијанта се зема и екипата на Извиѓач од Босна, која по две години пауза би можела да се врати во регионалното натпреварување. Сите дилеми околу конечниот список на учесниците за сезоната 2018/19 ќе бидат познати до 20-ти јули, кога и челните луѓе ќе излезат со официјално соопштение.