Најавите од претходните неколку дена се остварија и Жоан Кањелас е официјално првото засилување за Рк Вардар од наредната натпреварувачка сезона. Тој потпиша со црвено-црните верност на три години и ќе имаме можност да го гледаме во црвено-црниот дрес. Така тој се приклучлува на своите репрезентативни колеги, Штербик, Македа и Душебаев. Кањелас моментално настапува за Кил, а има играно во бундес-лигата и за екипата на Хамбург.
-Вардар продолжува со создавањето на респектибилен тим, и од следната натпреварувачка сезона ќе добие уште едно звучно и квалитетно ракометно име. Шпанскиот репрезентативец Жоан Кањелас во следните три сезони ќе биде дел од нашиот клуб. Верувам дека со неговото искуство ќе донесе дополнителен квалитет во играта што ќе ни овозможи да бидеме уште подобри како тим. Неговите индивидуални квалитети се добра референца за нашите очекувања во следниот период. Се надевам дека заедно ќе бидеме уште поуспешни, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар за официјалниот сајт на клубот.