Игор Карачиќ е играчот кој ја игра својата последна сезона во црвено-црниот дрес, откако реши да ја промени средината и да се пресели во екипата на Киелце. Ова беше и негова последна сезона во СЕХА-лигата, од која се збогува со нов трофеј, вкупно петти во неговото седмо финале со Вардар. Сепак хрватскиот репрезентативец верува дека еден ден пак ќе се врати.
Одлично е чувството повторно да се биде шампион. Јас сум тука од самиот почеток, па без разлика на тоа што си заминувам се надевам ова нема да биде мојата последна титула. Очигледно, ова е неверојатно искуство да биде дел од сето ова и веќе кажав – се надевам дека еден ден пак ќе се вратам. Сега е време да се одмориме и да се подготвиме на најдобар можен начин за она што нè чека во Лигата на шампионите. Ветувавме низа титули, еве првата дојде, наскоро ќе се бориме и за втора, па се надевам дека ќе бидеме успешни како и во СЕХА, истакна Карачиќ.