Веќе зад нас е Светското ракометно првенство, кое изминатиов период се играше во Германија и Данска. Токму домашната репрезентација на Данска успеа да го освои златниот медал откако во големото финале ја совлада селекцијата на Норвешка, додека третото место и припадна на Франција која во малото и утешно финале ја совлада Германија.
На овој мундијал, Вардар беше застапен со осум свои играчи. Како најуспешен на крајот кој стигна најдалеку е Игор Карачиќ кој успеа со репрезентацијата на Хрватска да го освои шесттото место. Тој успеа да биде најдобар и во уште еден статистички податок, а тоа се асистенциите. Имено, средниот бек на Вардар го заврши СП на високото второ место по бројот на успешни асистенции, Карачиќ имаше вкупно 41 асистенција, што на крајот го смести на втората позиција, подобар од вардаровиот играч беше само Сандер Сагосен од Норвешка кој имаше бројка од 47 асистенции и натпревар повеќе. Карачиќ одигра навистина добро на овој мундијал и имаше голема минутажа на теренот и доверба од страна на Червар.
Во ТОП-30 најдобри стрелци на завршеното СП место имаше само за еден играч од Вардар, тоа е Тимур Дибиров кој постигна 35 голови.