Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Ракометниот “Моцарт“ , Игор Карачиќ доаѓа во Вардар како “анонимен“ играч, а моментално е еден од лидерите на екипата која се бори за трофејот од ЛШ
Ракометниот “Моцарт“ , Игор Карачиќ доаѓа во Вардар како “анонимен“ играч, а моментално е еден од лидерите на екипата која се бори за трофејот од ЛШ

Ракометниот “Моцарт“ , Игор Карачиќ доаѓа во Вардар како “анонимен“ играч, а моментално е еден од лидерите на екипата која се бори за трофејот од ЛШ

Игор Карачиќ потпишува на 19 вефруари 2012 година, тогаш со РК Вардар ПРО. Веселин Вујовиќ кој во таа сезона беше на кормилото на црвено-црните решава да го донесе овој млад играч кој во тој момент е анонимен за Вардар и Македонската ракометна јавност. Доаѓа од екипата на РК Босна, но како повреден играч и ги пропушта првите натпревари во дресот на црвено-црните. Како се ближи крајот на сезоната, почнува полека да добива минутажа од Вујовиќ и да ги искажува своите квалитети, кои во тој период не се воодушевувачки за клубот и навивачите. За само два месеци престој во Вардар, успева со клубот да стане освојувач на првата сезона 2011/12 на СЕХА-лигата и тоа победувајќи го во големото финале тимот на Металург. Истата сезона Вардарци го победуваат големиот ривал и во националниот куп, но ја губат битката за титулата во лигата.

kara2

Веќе следната 2012/13 сезона започнуваат да доѓаат до израз квалитетите на средниот бек кој е роден во Мостар, а моментално настапува за Хрватската репрезентација. Игор станува конкурент на Немања Прибак, на позицијата организатор на играта во составот на Вардар и се повеќе ги добива симпатиите од навивачите. Со Вардар таа сезона станува вицешампион на СЕХА-лигата, каде во финалето сме поразени од Загреб. На тој меч одигран во С.Ц. Борис Трајковски, Карачиќ е најефикасен во нашите редови со пет постигнати голови. Претходно во полуфиналето, Вардар повторно го добива Металург, минимално со 22:21, а решавачкиот гол вреден финале го постигнува токму Карачиќ. Истата сезона за само еден гол бевме елининирани во двомечот со Магдебург во рамките на ЕХФ купот и не успеавме да се пласираме во групната фаза. Но она што е најважно дека таа година успеваме по неколку сезони да го симнеме Металург од врвот и да станаме шампиони на Македонија.

kara

По завршување на оваа натпреварувачка сезона доаѓа до промени во клубот. Сопственик станува господинот Сергеј Самсоненко, кој го презема клубот од Михајло Михајловски, кој му ја дава довербата да застане на чело на клубот. Тоа значеше и смена на тренерската позиција, каде замина Вујовиќ, а како нов кормилар беше претставен Зоран Кастратовиќ. Во Вардар доѓаат неколку засилувања, меѓу кои и Руските репрезентативци, Дибиров, Чипурин, Растворцев, потоа и Душебаев, но Карачиќ останува во клубот. Таа 2013/14 се вративме на настапите во најголемото ракометно натпреварување, каде имавме одлична сезона и стигнавме до најдобрите осум екипи во Европа. По само неколку меча, дојде до промена на тренерското столче, каде Раул Гонзалес го замени Зоран Кастратовиќ. Тогаш направивме сензација елиминирајќи го актуелниот европски шампион, екипата на Хамбург, додека во 1/4, Фленсбург за само еден гол ни ја скратува среќата да се пласираме на Ф4 во Келн. Тоа беше и најдобрата сезона за Игор Карачиќ, каде заврши како втор најдобар стрелец на Вардар во ЛШ, со 69 постигнати голови, или само три помалку од водечкиот Дибиров. Тоа беше подобрување на бројката на постигнати голови, која ја имаше во сезоната 2010/11 каде како член на РК Босна запиша 62 погодоци во лигата на шампионите. Воедно под водство на Гонзалес станува прв избор на позицијата среден бек во Вардар.

igor-karacic

rkv-karacic

И во наредната 2014/15, Карачиќ продолжува со добрите игри во црвено-црниот дрес, а неговото име се повеќе одекнува во Европа. Таа сезона е повторно лидер на тимот и повторно со Дибиров се најдобри стрелци во ЛШ. Сепак Карачиќ ја подобрува бројката на погодоци зад своето име, кое на крајот од сезоната достигна 74 голови, која најверотано и по одигрување на оваа сезона ќе биде негова најдобра, се до завршување на следната натпреварувачка сезона. Минатата е исто така успешна за него, постигнувајќи 49 голови, додека во моментов пред одигрување на завршниот турнир во Келн има 51 постигнат гол, со можност таа бројка да биде зголемена. Се повеќе постоеа гласини дека Игор ќе го напушти Вардар на крајот од оваа сезона, откако стана мета на неколку европски клубови, меѓу кои најмногу се споменуваше Веспрем. Сепак Вардар го цени најдоброто во моментов, а еден од нив е токму Карачиќ, кои на обострано задоволство пред една недела го продолжија договорот, според кој тој ќе остане во клубот најмалку до јуни 2019 година. Оваа година ќе има можност да биде дел од “кремот“ на Европа и да се бори за првата Европска титула. Од анонимен ракометар, станува предводник на Вардар и еден од најголемите миленици на црвено-црната армија навивачи. Сите сме среќни што имаме таков играч, кој многу пати покажал како се остава срце на терен и се бранат боите на клубот.