Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Киелце мора да падне, со победа Вардар се искачува на второто место
Киелце мора да падне, со победа Вардар се искачува на второто место

Киелце мора да падне, со победа Вардар се искачува на второто место

Последен натпревар за ракометарите на Вардар во оваа календарска година, што се однесува до настапите во Лигата на Шампионите. Вечерва со почеток од 17:30 часот во арената Јане Сандански ќе гостува екипата на Киелце.

Со триумф на овој дуел, Вардар има можност да избие на второто место на табелата и да “презими„ на оваа позиција, до месец февруари следната година кога и ќе продолжат настапите во најголемото ракометно натпреварување. Со оглед дека имавме проблеми со повредени играчи, второто место ќе биде одличен успех за избраниците на Гарсија Парондо. Киелце на овој дуел нема да може да смета на услугите на Јурецки и Мамиќ, додека знаеме дека црвено-црните ќе бидат без Горбок, Борозан и Фереира. Позитивна вест за Вардар е тоа што ќе може да смета на услугите на Глеб Калараш. Знаеме дека рускиот репрезентативец доби директен црвен картон на мечот против Брест Мешков, но од ЕХФ одлучија дека немало никаква намера од Калараш, кој не доби дополнителна суспензија. Најголемата опасност по нашиот гол дефинитивно ќе доаѓа од поранешните вардарови играчи, тоа се Алекс Душеваев кој воедно е втор најдобар стрелец во Лигата на Шампионите, како и Лука Циндриќ, тоа се играчите кои пред две сезони со Вардар ја освоија Европската титула. Ако се запрат овие двајца, многу полесно ќе биде да се стигне до победата. Тука се и пикерите Агинагалде и Каралек, кои знаат да направат проблеми за противничките екипи. Полјаците ги краси цврста, но и многу груба одбрана, а еден од играчите кои е познат по овие особини е секако Михал Јурецки кој поради повреда нема да го видиме на теренот во Скопје.

Киелце го доби првиот меч одигран во Полска кога славеа со резултат 31:27. Шампионот на Полска после девет одиграни кола се наоѓа на второто место на табелата со скор од шест победи и три порази, доколку Вардар вечерва слави ќе ги истисне на позиција подолу на табелата во рамките на најсилната група А. Оваа сезона Киелце беше поразен на гостински терен од екипите на Веспрем и Барселона, а доживеа пораз и пред својата публика, во минатото коло од лидерот во групата, тимот на Барселона.

Во пресрет на овој меч, Вардар и Киелце имаат одиграно седум меѓусебни натпревари, од кои пет му припаднале на Киелце, додека Вардар има два триумфи и тоа пред својата публика. Сепак најголемиот триумф во меѓусебните мечеви го имаат црвено-црните, кои успеале пред три сезони во истава сала да му нанесат висок пораз н Киелце од десет голови. Се надеваме дека истото ќе се случи и денес.

Ова се сите меѓусебни дуели на Вардар и Киелце во Лигата на Шампионите:

Вардар – Киелце 20:22, Киелце – Вардар 33:31 ( 1/4 финале во сезоната 2014/15)

Вардар – Киелце 34:24, Киелце – Вардар 23:20 ( групна фаза во сезоната 2015/16)

Вардар – Киелце 40:34, Киелце – Вардар 27:24 ( групна фаза во сезоната 2016/17)

Киелце – Вардар 31:27 ( групна фаза, сезона 2018/19).

Вечерва се очекува полна сала и голема поддршка за Вардар од Комитите, кои најавија инвазија на овој дуел. Сите кои нема да бидат во сала, директен пренос од мечот можат да проследат на Арена Спорт 2.

НАПРЕД ВАРДАРЕ !!!