Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Кил го доби дербито во Бундес лигата и најави дека е подготвен за мечот со Вардар
Кил го доби дербито во Бундес лигата и најави дека е подготвен за мечот со Вардар

Кил го доби дербито во Бундес лигата и најави дека е подготвен за мечот со Вардар

Во среда, Европскиот Шампион ќе го одигра првиот меч во новата година, што се однесува до настапите во Лигата на Шампионите. Нашиот противник, тимот на Кил имаше успешна увертира пред мечот со црвено-црните, откако во дербито на бундеслигата славеше против екипата на Хановер.

Само во почетните седум минути од мечот, екипата на Хановер имаше постојана предност, по што следеше голема серија на Кил за резултатски пресврт. Домашниот тим во еден момент имаше водство од 6:4, но во следните десет минути, гостинската екипа успеа да направи серија од 1:8 и во 21 минута со голот на Пекелер да поведе со 7:12. Никлас Ландин беше виновникот за пресвртот на Кил, данскиот чувар на мрежата по само 20 минути од мечот имаше веќе двоцифрен број на одбранети удари. Со головите на Винчек и Екберг, популарните „зебри“ се одлепија и на највисоки 9:16, додека Ландин стигна и до својата 12 одбрана. До крајот на првото полувреме, Хановер се погрижи да ја намали негативата на пет голови (13:18).

Со голот на Вајнхолд започна второто полувреме, за водство на Кил од 13:19. Избраниците на Јиха немаа проблеми во второто полувреме, го контролираа резултатот, повторно се вратија на највисоките седум погодоци, кога Пекелер погоди во 36 минута за предност од 14:21. Откако Угалде погоди за намалување на 16:21, голманот на Хановер влезе во серија на одбрани, со кои овозможи на својот тим да намали на 17:21 во 40 минута од натпреварот. Сепак денес, Кил се покажа пресилен за домашниот тим кој пред ова коло се наоѓаше на второто место на табелата, со само еден бод помалку од Кил. Дувњак и Зарабец беа играчите кои повторно донесоа водство од седум гола (17:24), по што полека беше јасно кој ќе го добие ова дерби. На крајот лидерот победи со резултат 25:32.

Дувњак, Билик и Пекелер постигнаа по 5 голови. Мечот со Вардар ќе се одигра на 5. февруари ( среда) во „Шпаркасе Арената“ со почеток од 19:00 часот.