Кадетите на ракометниот клуб Вардар се вицешампиони на Македонија, откако на завршниот турнир на најдобрите четири екипи го освоија второто место во лигата. Избраниците на Слободан Чивлачки во регуларниот дел од сезоната завршија на второто место на табелата. Девет победи, еден нерешени резултат и два порази беше учинокот на Вардарци во овој дел од сезоната. На Ф4 турнирот во полуфиналето се сретнавме со екипата на ХЈС Работник, која пред овој натпревар имаше само еден единствен пораз во својата група. Овој дуел го добивме по тешка и исцрпувачка борба со резултат 20:18. Во другиот полуфинален меч Металург беше убедлив во дуелот со РК Струга ( 33:21). Така во големото финале во конкуренција на кадети се сретнаа екипите на Вардар и Металург. Вистинско финале се играше во салата во Автокоманда, двете екипи покажаа завиден квалитет и силно темпо на игра, сепак на крај како победник излезе тимот на Металург. Ова е голем успех за нашите кадети, кои имаа одлична сезона пред себе, ако се знае дека ова беше генерација составена од многу нови играчи пред стартот на првенството. На крајот на турнирот беа прогласени најдобрите на завршниот турнир. Наградата за најдобар голман му припадна на Марко Кизиќ од редовите на Вардар. Повеќе од заслужено за ова младо надежно момче, кое располага со голем квалитет и потенцијал. За нашиот сајт, Кизиќ ги сподели очекувања од што туку завршената сезона.
-Фајналфор турнирот кој се одигра во Автокоманда беше организиран на високо ниво и присуствуваа многу квалитетни екипи. Првиот натпревар го добивме по многу тешка борба, што беше многу исцрпувачки за нас. Додека во вториот натпревар заморот си го правеше своето, а и ние како екипа мислам дека можевме да прикажеме повеќе, но најбитно е дека се боревме до крај и никогаш не се предадовме што мене ме прави презадоволен. Како што реков можевме уште малку повеќе да прикажеме и да стигнеме до златото, но ете што е тука е. Цела сезона ни помина во континуиран напредок што резултираше со влез на завршниот турнир. Бев многу изненаден кога ја добив оваа награда за која потајно се надевав и која круниса една одлична сезона, изјави Марко Кизиќ за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски