Вечерва во спортскиот центар Јане Сандански, на Вардарци им беше доделена освоената титула во домашната супер лига. Тоа беше вкупно единаесетта во историјата на клубот. Присутната публика имаше можност да ги види и сите други освоени трофеи за оваа сезона, меѓу кои и оној од лигата на шампионите.
Во следната сезона дел од клубот нема да бидат тренерот на голманите, Горан Симиќ, потоа Александер Деревен, Алекс Душебаев и голманот, Петар Ангелов. Клубот им додели заблагодарници за сиот нивни придонес за екипата во изминативе години.
После четири сезони поминат во клубот, Црнагорецот Горан Симиќ го напушта клубот. Тој дојде заедно со Зоран Кастратовиќ на клупата на црвено-црните, кој не се задржа долго како прв тренер на екипата. Голем и ценет работник, кој имаше можност да тренира великан како Арпад Штербик.
Деревен пристигна како големо засилување и потенцијал на рускиот ракомет, но повредата на почетокот на минатата сезона го спречи да го покаже сиот свој квалитет, со кој несомнено располага. Помина две сезони во Вардар, со кој на два пати ја освојуваше двојната домашна круна, како и еден трофеј од СЕХА-лигата и оној најважниот во лигата на шампионите.
Сигурно дека Вардаровите навивачи највеќе жалат за заминувањето на Алекс Душебаев. Алекс дојде во Вардар пред четири сезони, кога клубот го превзема Сергеј Самсоненко. Дојде како играч кој бил најдобар стрелец во Асобал лигата, а си замина од клубот како Европски шампион. Оваа сезона ја заврши и како најдобар стрелец на својот тим во најголемото ракометно натпреварување. Несомнено ќе му фали на Вардар и прашање е дали може да има достојна замена за Алекс.
Петар Ангелов, или популарниот “Диви“ среќен си заминува од клубот, каде исто така помина четири сезони и освои се што можеше да се освои. Круна на неговата кариера е сигурно трофејот од лигата на шампионите, а најверојатно негова следна дестинација ќе биде Турција.
Вардар и ние како медиум им се заблагодаруваме за се што направија за Вардар, да биде Европски шампион, а сите имаат заслуга за освоените трофеи во изминативе четири години.