Изминатиов викенд се одиграа завршните натпревари од ракометната “Јуниор“ лига, која го имаше својот крај на првата сезона. Беа одиграни финалните натпревари и оние за трето место во сите возрасни генерации, во машка и женска конкуренција. Мечевите беа одиграни во двете сали на спортскиот центар Јане Сандански. Како медиум кој цела сезона ги пратевме случувањата во “Јуниор“ лигата продолжуваме со изјави од учесниците во истата. Во наредниот период ќе можете да ги прочитате размислувањата и впечатоците од завршената сезона во лигата, со играчите кои добија поединечни награди на завршниот турнир и во двете конкуренции. Започнуваме со Виктор Крстевски, кој стана шампион со екипата на Академија 2 , а настапуваше и за тимот на РК Илинден-Вардар, предводен од Дарко Јанев.
Според мене “Вардар јуниор лигата“ беше место каде што секој поединец имаше шанса да ги покаже своите знаење. Идејата за започнување на ваков проект беше многу корисна, бидејќи овој проект им даде можност на децата од различни возрасти да го покажат своето знаење, да се почуствуваат како дел од големото семејство на добро познатиот ракометен клуб Вардар. Со самото тоа што ние стигнавме на врвот од оваа лига како најстара генерација дава до знаење дека моите впечатоци за мојот тим се повеќе од задоволителни.
Победник во машка конкуренција, во највозрасната генерација родени 1998/99 година беше екипата на Академија 2, која во големото финале беше подобра од тимот на РК Шампион. Академија 2 беше составена од играчи, од неколку различни екипи, кои во текот на целата сезона се натпреваруваа во оваа лига. Најдобрите поединци од секоја екипа ќе имаат можност да бидат дел од младинските категории на РК Вардар.
-Јас учествував во тим кој беше составен од повеќе екипи, но и покрај тоа што ние не се познаваме успеавме да се соединиме, а нашите резултати се видливи. Со мојот тим ги постигнав очекуваните резултати , ние го остваривме она што го посакувавме, односно нашата цел беше врвот кој што со тимска соработка и благодарение на нашите тренери ние успеавме да го реализираме. Овие натпреварувања за мене претставуваа пат до мојата долго очекувана желба да настапам за младинските категории на ракометниот клуб Вардар. На досегашните натпревари како поединец со помош на мојот тим ги покажав своите квалитети и сум задоволен од она што успеав да го прикажам и целев кон тоа да го дадам најдоброто од себе.
По завршување на финалните натпревари беа доделувани награди за најдобар играч, стрелец и голман. Признанието за најдобар стрелец му припадна токму на Виктор, кој беше еден од најзаслужните за победата во финалето. Тој мечот го заврши со 9 постигнати голови.
-Оваа награда за мене претставува нешто што долго го очекував и напорно работев за да стигнам до мојата посакувана цел , иако за ова признание е заслужен целиот мој тим кој постојано ме поддржуваше. Искрено моето очекувања не беа големи, но јас напорно работев и и пријатно ме изненади тоа што наградата за најдобар стрелец се најде во моите раце. Се надевам дека од идната сезона ќе бидам повикан од страна на тренерите на младинските категории на ракометниот клуб Вардар, изјави Виктор Крстевски за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски