Германскиот ракометен шампион, екипата на Кил го потврди доаѓањето на Блаженко Лацковиќ во своите редови. Според договорот тој ќе остане во Кил до јуни 2017 година. Хрватскиот интернационалец реши предвреме да го раскине договорот со Вардар и повторно да се врати на настапите во Бундес-лигата, откако беше дел од екипата на Флензбург и Хамбург со која ја освои титулата во лигата на шампиони. Кил оваа сезона има големи проблеми со повредени играчи, а последните се надоврзаа на завршеното европско првенство во Полска, откако повреди здобија бековите Вајнхолд и Дисингер.
-Не очекував ракометно да се вратам во Германија, ниту пак да играм за еден од најдобрите клубови на светот, горд сум и со нетрпение го очекувам првиот настап, повторно да заиграм со мојот пријател Дувњак и шансата да освојам повеќе титули со Кил- вели Лацковиќ за официјалната страна на Кил.
Лацковиќ во Вардар дојде минатата сезона токму од Бундес лигата. Црвено-црните после повредата на Деревен и отсуството до крајот на сезоната, на позицијата лев бек останува само со Сергеј Горбок и Филип Лазаров.