Уште малку повеќе од 24 часа до одигрување на полуфиналниот натпревар во ЛШ, помеѓу екипите на Вардар и Барселона. Сите екипи, учесници на завршниот турнир веќе се наоѓаат во Келн, каде ги прават последните подготовки пред одигрување на утрешните полуфинални дуели. Во првото се среќаваат екипите на ПСЖ И Веспрем. Секој од тимовите има свои шанси и адути, а само еден на крајот ќе се радува на трофејот. Во пресрет на утрешниот дуел против екипата на Вардар, капитенот на Македонската репрезентација и член на Барселона, Кирил Лазаров за медиумите во Келн, ги сподели своите очекувања за мечот, истакнувајќи дека пред себе ќе имаат квалитетна екипа составена од добри и искусни ракометари.
-Ждрепката посака со Вардар да се сретнеме уште во полуфиналето. Мислам дека Вардар после три сезони откако стигаше во најдобрите осум екипи, конечно заслужи да се најде на Ф4 турнирот, и тоа во елитата, со најдобрите. Заслужи заради трпеливоста и вербата во успехот. На Ф4 никој не се пласира со среќа, само со знаење. Одиграа екстра-квалитетна сезона во која победуваа и дома и гости. Победуваа големи екипи од типот на Киелце, Флензбург, РНЛ и други кои се во врвот на европскиот ракомет. Влегуваме со голем респект кон Вардар затоа што тие се екипа која е добро склопена, доста се брзи и имаат екстра-шутери. Тука е и добрата транизиција, како и голманите. Мислам дека добро се подготвивме и ќе видиме како ќе изгледаат работите на терен. Сепак како се вели, нека победи подобриот на крајот, рече Лазаров.