Поранешниот играч на Вардар, Лука Циндриќ, ја коментира одлуката на ЕХФ, на завршниот турнир да играат најдобрите две екипи од групите А и Б. Жали што неговите поранешни екипи нема да бидат дел од големиот настан во Келн, но вели дека ЕХФ тоа го направила од веќе позната причина.
-За мене тоа е навистина тешко прашање да се одговори, секако дека ми е жал за Вардар и за Киелце како мои поранешни клубови како и за моите некогашни соиграчи. Мислам дека ЕХФ по секоја цена сакаше да спаси што може да се спаси и тоа беше единствена причина да се направи таков Ф4. Како играч ми е драго, а на спротивната страна ја разбирам одлуката. Сакам да одам до крајот затоа што мислам дека Барселона има квалитет за такво нешто.
Циндриќ во 2017 година успеа со Вардар да ја освои Европската титула, а со неговиот погодок во последните секунди против Барса успеавме да обезбедиме финале, кое го добивме против ПСЖ и на тој начин испишавме историја.