Македонија го загуби вториот натпревар на ЕП, откако во неизвесен дуел беше поразена од селекцијата на Чешка.
Гледавме едно израмнето прво полувреме, во кое Македонија одржуваше предност од 1-2 гола разлика. Натпреварот со погодок го отвори Кирил Лазаров, додека Чешка во 6.минута за прв пат беше во предност од 3:2. Во првиот дел ниту една од селекциите не успеа да се одлепи на некоја посолидна разлика. Селекторот Брестовац започна со 5-1 во одбраната, додека на голот беше Борко Ристовски. При водство на противникот од 5:4, Македонија успеа да направи серија од 0:3 и со головите на Манасков, Георгиевски и Лазаров за прв да има водство од два гола разлика (5:7). Проследивме и прв гол на овој дуел за вардаровиот капитен, Стојанче Стоилов кој донесе предност од 6:8. Чешка врати со два гола и израмни на 8:8, додека Лазаров и Кузмановски ги вратија двата гола позитива. На полувреме, нашата репрезентација имаше водство од 9:11.
Многу лош почеток за Македонија во второто полувреме, за само шест минути противникот направи серија од 6:1 и поведе со највисоки 15:12. Брзо се вративме во игра, откако имавме играч повеќе на терен после фаул на противнички играч над Стоилов. Тоа го користиме преку Лазаров кој со два гола во серија намали на 15:14. Сепак застанавме, Чешка постигна два нови голови и зголеми на 17:14, додека во вториот дел за 14 минути игра имавме само три погодоци. Противникот успеа да се одлепи и на четири гола (22:18) во 50 минута од дуелот, но Македонија не мислеше да се предаде, вративме со голови на Лазаров, Манасков и Георгиевски за намалување на 22:21. Чешка подобро се снајде во финишот и славеше со резултат 27:25.
Голманот на Чешка беше најзаслужен за победата, со оглед дека имаше двоцифрен број на одбрани, додека нашите два голмани имаа вкупно 4 одбрани. Во последното коло од групната фаза, се среќаваме со домашната селекција на Австрија.