Матеј Трајановски, кој е поранешен играч на Вардар, сезонава е дел од вториот тим на Савенхоф, кој се натпреварува во првата дивизија во Шведска.
Матеј потекнува од ракометната школа Илинден, од каде доаѓа во Вардар, каде настапуваше за генерацијата на играчи родени 2004/05 година, под водство на Зоран Петковски-Зенга. Во 2020 година беше дел од новоформираната пионерска репрезентација на Македонија, а овој млад играч во својата биографија има забележано и настап за првиот тим на РК Вардар, за кој се има запишано и во листата на стрелци, на натпреварите од СЕХА-лигата.
Трајановски кој игра на позицијата десно крило од сезонава го носи дресот на Савенхоф, добра позната екипа во Шведска, настапувајќи за вториот тим на овој клуб, кој после три одиграни кола се наоѓа на второто место. На три одиграни натпревари, Матеј има постигнато и 6 голови.
Се работи за голем потенцијал на македонскиот ракомет, а ние како медиум кој имал можност да соработува со овој млад играч, му посакуваме многу среќа и успеси во кариерата. Се надеваме дека ова ќе биде знак и за селекторот на кадетско/младинската репрезентација на Македонија, во иднина да смета на Матеј Трајановски кој има квалитет за еден ден да го носи и сениорскиот дрес на нашата земја.