Следен предизвик за избраниците на Пепи Манасков е дуелот со градскиот ракометен клуб Борец кој доаѓа од Велес. На овој дуел кој е меч од плеј-аут сегментот во македонската ракометна суперлигашка конкуренција ние ќе бидеме домаќини на велешани. Овој дуел е закажан за на 7-ми мај, сабота во Скопје. Мечот е од особено значение за гостинскиот тим кој моментално на плеј-аут табелата се наоѓа на претпоследната позиција со 19 бода и е во борба со тимот на скопски Пролет ’62 и Радовиш за избегнување на оваа позиција која според пропозициите на македонската ракометна федерација носи меч за опстанок со второпласираната екипа во Првата лига.
На таа втора позиција речиси сигурен е третиот црвено-црн колектив РК Вардар-2 кој се натпреварува во Првата македонска ракометна лига која е втора по квалитет во земјава. За РК Вардар Јуниор мечот нема големо значение бодејчи со 27 бода е на осум плус од оваа ризична позиција. Лидер на табелата е битолски РК Пелистер тим кој ни го нанесе единствениот пораз досега во плеј-аут сегментот.