Денес попладне нашата машка сениорска ракометна репрезентација ќе патува за Словенија каде со две тест-средби против домаќинот ќе ги продолжи подготовките за Европското Првенство што почнува на 15 јануари. Македонскиот селекторот Ивица Обрван за Словенија повика 21 ракометар, а за пријателските средби во тимот нема да бидат Златко Даскалоски и Мартин Велковски. Во составот се и тројцата членови на црвено-црниот машки ракометен колектив : Столе Стоилов, Дејан Манасков и вардаровиот капитен Филип Лазаров.
Нашата А-репрезентација во Словенија ќе одигра два натпревари против домашниот национален тим и тоа во понеделник од 18:00 часот во Кршко и во вторник од 18:30 часот во Целје. По тестовите со словенците следи враќање во Скопје каде репрезентацијата ќе продолжи со тренинзи а ќе следуваат и уште два натпревари против Црна Гора. Мечевите со најдобрите ракометари од црногорската репрезенација се закажани за на 10 и 11 јануари, а по тие тестови селекторот ќе го соопшти и конечниот список за патници на Европското Првенство во Полска.