По шест години поминати во Вардар, дојде до разделба помеѓу Страхиња Милиќ и клубот. Веќе поранешниот чувар на мрежата црвено-црните имал договор со Вардар да пристигне на подготовките со намалена тежина, но тоа не успеал “Џамбо“ да го испочитува, по што од клубот му понудиле договор со нови услови, кои Милиќ не ги прифатил, па дојде до спогодбено раскинување на договорот. Во интервју за српски „Новости“ ја открива причината за разделбата со Вардар.
-Договорот беше да ја намалам килажата, а јас не успеав во тоа. Сакаа да го промениме договорот, но јас не се согласив на такво нешто. Што се однесува до килажата – жените не се прашуваат за години, а јас за килажата. Едно време дојдов до рекордни 170 килограми.
Милиќ пристигна во Вардар, во февруари 2012 година, кога тренер беше Веселин Вујовиќ. “Џамбо“ жали што го напушта Скопје, но вели дека ќе се потруди во иднина да ослабне.
-Многу жалам што си одам од Вардар, затоа што долги години минав во Скопје. Мислам дека можеше се да заврши поинаку, но не успеавме да дојдеме до договор. Сите се чудеа кога ме видоа, но таков сум јас, чудна сорта. Штом дојдам дома, ќе поработам да намалам некое кило.