Нема многу одмор за избраниците на Раул Гонзалес, кои веќе утре го играат својот четврти натпревар во сеха-лигата. Противник на нашите момци е првакот на Словачка, екипата на Татран Прешов. Мечот ќе се одигра во С.Ц. Јане Сандански со почеток од 18:30 часот. Денес на прес-конференција по повод одгрување на овој дуел, своите очекувања ги споделија Гонзалес и повратникот на голот Страхиња Милиќ.
-Имаме само еден ден за да го спремаме овој натпревар. Не знам како ќе бидат играчите зашто вчера имавме тежок натпревар, ќе имаме потешкотии со повредени играчи, но ќе видиме како се на попладневниот тренинг. Сега може да не чувствуваат ништо, но кога ќе почнат да тренираат ќе се види, можеби ќе почне да ги боли нешто, така што утре ќе решам кои ќе играат. Ако победиме ќе бидеме прво место и во СЕХА и во ЛШ и тоа е одлично. Сега и Татран има девет како бода како нас. Ние секогаш ги почитуваме многу сите екипи и за нас ќе биде тешко на овој натпревар. Татран употребува 5-1, 3-3 одбрана, а ние не играме добро против тие одбрани. Не беше добро и вчера со ПИК Сегед, затоа против Татран мора да бидеме подобри истакна Раул.
Своја шанса во првата постава на утрешниот натпревар на голот би требало да добие Страхиња Милиќ, кој имаше можност за кратко да застане помеѓу стативите на мечот со Пик Сегед.
-Татран е противник за респект. Секако дека ќе влеземе во натпреварот максимално мотивирани и се надевам дека резултатот ќе биде на нашата страна. Не не заморува густиот распоред, добро ни доаѓаат овие натпревари, за да се воиграме. Кога би играле само македонско првенство не би имале така силни натпревари. Затоа СЕХА лигата е добра за нас, ни овозоможува да ја држиме формата и да бидеме поподготвени во Лигата на шампионите, изјави Милиќ.