Вардар доби големо засилување на голманската позиција, откако летово пристигна Дејан Милосављев кој го замени Арпад Штербик кој премина во екипата на Веспрем. Српскиот чувар на мрежата имаше двоцифрен број на одбранети удари, на сите мечеви во СЕХА-лигата, а неговото најдобро издание беше на дуелот од првото коло во ЛШ, против екипата на Монпелје, каде црвено-црните славеа победа. Милосављев го заврши мечот со 16 одбрани и беше најдобар поединец во нашите редови.
-Многу сум среќен што оваа сезона ја носам црвено-црната боја на Вардар и што успеав да пристигнам во клуб, кој е големо име во ракометот. Голем плус е тоа што добивам поддршка од целиот тим, како и од тренерот на голманите, Дејан Периќ. Ова ме тера да се чувствувам многу добро и воопшто да немам никаков притисок. Верувам дека овој одличен почеток ќе донесе уште подобри игри на претстојните натпревари.
Секој меч е важен за остварување на што подобар пласман во најсилната група А и овој триумф е голем стимул за вардарци во продолжение од сезоната.
-Не можевме да замислиме подобар старт на сезоната во Лигата на шампионите. Многу сум среќен што победивме против бранителот на трофејот и што придонесов за победата. Пред почетокот на мечот добив совет од тренерот да го направам она што го знам најдобро и дека на крајот ќе испадне добро.
Во сабота, Вардар ќе го одигра првиот меч во ЛШ пред своите навивачи, а Милосављев посакува да ја осети атмосферата која ја прават Комитите.
-Со нетрпение го чекам следниот меч, прв во ЛШ на домашен терен. Сакам да ја почуствувам таа атмосфера. Сите зборуваат за тоа, доста муабети слушнав, а момците од екипата велат дека од буката во салата не може да си ги слушнат своите мисли.