Ракометната репрезентација на Македонија одигра нов подготвителен натпревар во пресрет на Европското првенство. Момците на Кирил Лазаров беа домаќини на репрезентацијата на Израел, која ја победија со резултат 31:28.
Во првото полувреме гледавме осцилации во играта на нашата репрезентација и менување на предноста. На моменти имавме и позитива од два гола, но дозволивме истата да ја загубиме и да ја препуштиме на противникот. На полувреме, Израел замина со позитива од еден гол разлика (14:15).
Гостите одржуваа водство од 1-2 гола разлика, се до средината на вториот дел, кога избраниците на Лазаров направија серија, ја превземаа предноста и не дозволија да ја испуштат до крајот. Натпреварот заврши со наша победа од 31:28.
Од вардаровите играчи, Мартин Томовски на голот имаше 4 одбрани. Филип Талески постигна 4 гола, Марко Мишевски 3, Стојанче Стоилов 2 и Гоце Георгиевски 1 погодок.
Двете репрезентации вечерва од 18:00 часот во С.Ц. Борис Трајковски ќе го одиграат и вториот контролен натпревар, кој ќе биде последен тест за Македонија пред почетокот на ЕП.