Денес во салата во Автокоманда се одигра младинското ракометно дерби во рамките на групата 1 од младинската лига, помеѓу екипите на Металург и Вардар. Дуелот им припадна на црвено-црните, кои имаа подобар финиш и славеа со резултат 26:32.
Одличен натпревар гледавме во спортската сала во населбата Автокоманда, на кој Вардар прв се одлепи на два гола разлика и по четири минути игра имаше предност од 1:3. Цврста игра на двете страни и со расположени голмани на двата гола, се причината што гледавме мал број на голови во првите 30 минута. Во 7 минута го проследивме првото израмнување на овој дуел (7:7). Следуваше неефикасни пет минути за составот на Вардар предводен од Чивлачки, а најголем виновник беше голманот на Металург, кој најпрво му одбрани зицер удар од контра напад на Бикоски, а потоа и сpречи удар од седум метри на црвено-црните. Како резултат на тоа стигна и првата предност за домашниот тим, кој во 12 минута го сврте резултатот на 5:4. Нашето лево крило, Христи Бикоски ја исправа грешката, па со негов погодок од својата позиција, повторно го враќа водството на својот тим од 6:7 на средина на првиот дел.
Следуваа можеби најдобрите минути за екипата на Вардар, која со серија од 1:4 во 19 минута стигна до највисоки четири голови предност (7:11). Оваа разлика ја направивме благодарение на двете последователни одбрани на Брајан Петкоски, како и на погодоците на Ќосевски, Ѓорѓиев и Наков. Нашите младинци имаа можност и да ја зголемат предноста, откако погодија неколку пати во пречката и стативата од противничкиот гол, а сето тоа Металург умешно го казнуваше, па од минута во минута не само што ја стопи негативата, туку и направи целосен резултатски пресврт (12:11) во 25 минута. Се созема бргу Вардар, па откако најпрво одбрани Петкоски, нашиот десен бек, Васе Наков со нов гол го врати водството од 13:14. До крајот на првиот дел успеваме да поведеме и со два гола и на одмор да заминеме со предност од 14:16.
Првиот гол во второто полувреме го постигна Васе Наков и тоа со удар од седум метри, со кој стигнавме до позитива од 14:17. Повторно гледавме голема борба на теренот, а домашниот тим не му дозволи на Вардар да се одлепи, па со два гола во серија намали на 16:17. По осум минути игра стигна и ново израмнување, прво во овој дел од мечот (18:18), но веднаш со гол врати Игор Ѓорѓиев. На голот на Вардар во второто полувреме беше Александар Тушев, кој го замени Брајан Петкоски.
Погодок и за нововлезеното крило кај црвено-црните, Виктор Крстевски кој контра-нападот го претвара во гол, за водство од 19:20. Со головите на Наков одржувавме предност, иако во 45 минута домаќинот повторно израмни на 22:22. Поради остар фаул над противнички играч, црвен картон кај Вардар за Мартин Мајсторовски во 47 минута од дуелот. Гледаме израмнет меч, а ниедна од екипите не можеше да стигне до предност поголема од два гола. Во моментите кога на Вардар му се закануваше пасивен напад, важен гол постигнува Мисаилески за резултат 23:24 на десет минути пред крајот на мечот.
Во ситуација со играч помалку се најде и екипата на Металург, а тоа го користи Мисаилески кој со нов гол го зголемува водството на 24:26 на осум минути пред крајот на овој дерби меч. Виктор Крстевски има одличен ефект во вториот дел, постигнувајќи четиори голови од исто толку обиди, па токму со неговиот гол, Вардар има солидна предност од 25:28, која во следната минута ја зголемува Ален Ќосевски за 25:29 и тоа со два гола во серија од контра-напади.
Целосен распад во играта на Металург кој од клупата е предводен од Александар Јовиќ, а црвено-црните тоа максимално го искористија, за на крајот да слават и убедлива победа, изразена со резултат од 26:32. Полседните три гола за нашиот состав до крајот на мечот беа дело на Крстевски Виктор кој овој дуел го заврши со максимален ефект од 6 голови од исто толку обиди, а претпоследниот гол беше дело на Васе Наков, кој беше најдобар стрелец на црвено-црните на овој дерби дуел во младинската лига.
Младинците на Вардар со овој триумф го потврдија пласманот на завршниот турнир во младинската лига. Ова беше деветта победа за избраниците на Чивлачки и Грчевски, кои имаат уште еден нерешен резултат и се уште се без пораз во лигата.