Викендов продолжија натпреварите во првенството на младинските ракометни категории. Во Прилеп се одигра натпревар помеѓу истоимената екипа и младинците на РК Вардар. На крајот двете екипи ги поделија бодовите, откако конечниот резултат гласеше 25:25.
Вардарци има за што да жалат на овој меч, бидејки во најголем дел од дуелот имаа водство и буквално ја испуштија победата во последната минута. Цело прво полувреме бевме во водство за разлика од домаќинот кој ниту еднаш ја немаше предноста. Поведовме набрзина со 3:6, за во следните две минути да имаме и највисоки четири гола позитива 4:8. Пред крајот на првиот дел Прилеп успева да намали на само еден гол разлика, но црвено-црните ги постигнуваат последните два погодока, за на полувреме да се замине со наше водство од 11:14.
Во првите пет минути од второто полувреме противникот повторно се доближува до нашата предност, намалувајќи на 14:15. Во продолжение од натпреварот, следиме период кога се играше гол за гол на двете страни, повторно има израмнување на мечот од 19:19, но Вардар дава два гола за повторно да имаме позитива од два погодоци. Во последните четири минути од мечот влеговме со водство од 22:24 и 23:25, но во последните две минути Прилеп постигна два гола за да го израмни резултатот на 25:25. Покрај нерешениот резултат младинците теоретски сеуште се во игра за втората позиција во својата група, која на крајот носи пласман на завршниот турнир.
РК Вардар: Ставревски, Николовски, Стојчевски 3, Овнарски 1, Чакалиќ 5, Барлаковски 1, Петковски, Мицаноски 2, Бабамов, Мишевски 4, Јаховиќ 1, Давчев 2, Хаџидимовски, Блажевски, Николов 6.