Вчера во спортскиот ракометен центар Кале се одигра натпревар во младинската лига од групата 1, помеѓу екипите на Вардар и Работнички, кој им припадна на црвено-црните. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 30:23.
Гостинската екипа подобро го отвори мечот, на кој имаше предност од 0:2. Во продолжение од натпреварот следеше страшна серија на Вардарци, кои при негатива од 2:3 успеваат да направат серија од неверојатни 10:0, за предност на Вардар од 12:3. До крајот на првото полувреме, Работнички успеа да смали од негативата и на одмор да се замине со водство на Вардар од 16:10.
Вториот дел започна со два последователни гола за нашите младинци, за убедливо водство од 18:10. Во еден момент му дозволивме на противникот дека може да се понадева на нешто повеќе на овој натпревар, кога успеаа да се доближат на само три гола негатива 22:19. Ова како да ги подналути Вардарци кои со нова серија од 7:0, стигнуваат за прв пат на натпреварот до двоцифрена предност 29:19. Во последните пет минути, Работнички успеа колку толку да го ублажи овој пораз и да замине од Кале со негатива од седум погодоци 30:23.
Убедливо најефикасен во составот на Вардар беше Филип Николов со 10 постигнати голови. Стефан Чакалиќ постигна 5, додека Марко Мишевски и и Андреј Мицаноски додадоа по 4.
Вардар: Ставревски, Блажевски, Босиловски, Стојчевски 3, Чакалиќ 5, Николовски, Мишевски 4, Јаховиќ 1, Барлаковски 1, Хаџидимовски, Мицановски 4, Давчев. Николов 10, Бабамов, Кочаров 1.
Со овој триумф младинците на РК Вардар ги задржаа “теоретските“ шанси за пласман на завршниот турнир. Во четврток го играме последното коло во Ресен, против екипата на Преспа 2010. Ќе се чекаат резултатите од останатите натпревари, по што ќе бидат познати патниците на завршниот турнир.